четврток, 22 февруари 2024
Јавна седница во Апелацискиот суд Скопје

Измените во КЗ го застареа и ТНТ, кажа одбраната и побара одбивателна пресуда

Одбраната во случајот ТНТ денеска од Судечкиот совет на Апелациониот суд Скопје побара одбивателна пресуда поради апсолутна застареност на делото.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето излагање на денешната јавна седница во Апелација, адвокатот Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Миле Јанакиески, посочи дека постои апсолутна застареност од кривично гонење.

„Со измените на Кривичниот законик да се констатира застареност на кривичното гонење и донесување на одбивателна пресуда“, предложи тој.

Кон барањето се приклучија и дел од останатите бранители, додека, дел од нив, исто така, побараа ослободителна пресуда, не само поради измените на Кривичниот законик, туку и, според нив, поради сите други работи кои биле детално образложени во постапките.

Одбраната на денешната расправа укажа на повеќе работи во делот на постапката, кои според нив се симптоматични во однос на решенијата донесени од судовите. Па така, обвинетиот Миле Јанакиески посочи дека во решението донесено во септември 2023 година, има судии поротници на кои Судскиот совет им утврдил престанок на функцијата поради старосна пензија и истек на мандатот една година претходно.

Јавниот обвинител Сашо Рајчев на денешната расправа посочи дека со измените на КЗ во целост делото се менува содржински во поглед на злоупотребата на службената положба и овластување како и во поглед на пропишаните казни.

„Со овие измени пропишаните казни се драстично намалени и се декриминализира делото во поглед на јавните набавки“, рече тој.

По завршувањето на јавната расправа Судечкиот совет соопшти дека одлуката ќе биде соопштена дополнително.

Во првостепената пресуда девет години затвор доби експремиерот Никола Груевски, три години поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и четири години поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, за рушењето на објектот Космос на Фијат Цаноски во 2012 година.

Во случајот затворска казна од четири години доби и тогашната градежна инспекторка Елизавета Најдовска, додека три службени лица од Општината добија ослободителна пресуда. Сите се товареа за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Сопственикот на компанијата „ФИНЕ“, Фијат Цаноски, вчера на прес-конференција обвини за судски преседан во Апелациониот суд и тврдеше дека се подготвува застареност на предметот ТНТ со што компанијата нема да ја добие оштетата од 11 милиони евра.

„Судијата известител и претседател на советот Ѓоко Ристов наместо да постапи согласно одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП) за предметот и да закаже интерен термин за советување и гласање по предметот, тој закажува нова јавна седница за 06.11.2023 година, сè со една единствена цел, знаејќи дека ако таа се одржи, тогаш Советот ќе мора да донесе само една единствена одлука – да констатира застареност за кривично гонење спрема обвинетите и „ФИНЕ“ засекогаш да остане без својата отштета од 11 милиони евра“, рече Цаноски.

Според првостепената пресуда на Кривичниот суд, Цаноски треба да добие отштета од речиси 11 милиони евра поради уривањето на комплексот.

На ова реагираше Апелација, од каде посочија дека постапувањето на судечкиот совет е согласно Законот за кривична постапка.

„По одржаната јавна седница на ден 08.05.2023 година, во тек на процесот на донесување на одлука, членовите на советот разгледувајќи ги жалбите на повеќе заседанија, се впуштија во оцена на основаноста на жалбените наводи, а со оглед дека се работи за обемен и комплексен предмет, со огромен број докази, и пред мериторно одлучување, поради констатираните неусогласености помеѓу записникот за советување и гласање на првостепениот суд и изворникот на првостепената пресуда со писмениот отправок на изготвената пресуда во делот на изречената казна на еден од обвинетите, како и во делот на засметување на притворот во изречените казни, на заседанието одржано на ден 11.07.2023 година, членовите на судечкиот совет одлучиле предметот со сите списи административно да се врати на првостепениот суд заради отстранување на горенаведените неусогласености кои претставуваат процесна пречка за донесување на второстепена одлука“, соопштија од Апелација.

Дополнија дека првостепениот суд постапувајќи по административното враќање на списи на овој суд, на 01.09.2023 година донел Решение за исправка коешто е експедирано до странките на 11.09.2023 година.

„По комплетирање на списите на предметот на ден 05.10.2023 година, истиот повторно е доставен до Апелациониот суд Скопје, по што на 06.10.2023 година е испратен на мислење по изјавените жалби на пресудата до Вишото јавно обвинителство Скопје, чиј предлог е примен во Судот на 12.10.2023 година, по што веднаш е закажана јавна седница за ден 06.11.2023 година, на барање на странките“, дополнуваат оттаму нагласувајќи дека досегашното постапување од страна на судечкиот совет е согласно одредбите од ЗКП. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ