понеделник, 13 јануари 2025

Измените на Законот за платежни услуги и платни системи помина на Комисијата за европски прашања

Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи денеска доби поддршка од членовите на собраниската комисија за европски прашања.

Објавено на

часот

Сподели

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски во образложувањето пред членовите на комисијата истакна дека со предлог-измените се уредуваат одредбите од постојниот закон со кои се уредува начинот на пресметка на сопствените средства на платежната институција, односно институцијата за електронски пари. Исто така, како што потенцира, Европската комисија обрати внимание на измените на Директивата за платежни услуги ПСД 2, усвоени по донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи.

„Имено, на ниво на Унијата во март оваа година е усвоена Регулативата 2024/886 која се однесува на инстант кредитните трансфери во евр,а со која се менува Директивата за платежни услуги и платни системи ПСД 2 и со истата се пропишуваат услови кои платежните институции и институциите за електронски пари треба да ги исполнат за да им се овозможи пристап до платните системи. Со предложените измени на Законот за платежни услуги и платни системи постојниот закон се дополнува со нов член 135 а со кој се пропишуваат услови за пристап до определени платни системи. Исто така, со предлог-измените се прават и измени кои се од национален карактер, односно се пролонгира рокот за воспоставување на Единствениот регистар на сметки, чиј администратор е Централниот регистар најдоцна до јуни 2025 година, заради завршување на сите активности поврзани со воспоставување на регистарот“, рече заменик-министерот.

Јанкуловски објасни дека во законот се уредуваат видовите на платежни услуги, дозволата за давањето на платежни услуги, издавањето електронски пари, транспарентноста на условите и обврските за информирање во врска со платежните услуги, правата и обврските на давателите и корисниците на платежните услуги, отворањето и користењето на платежната сметка, преносливоста на платежната сметка, транспарентноста и споредливоста на надоместоците поврзани со платежните сметки и услуги, постапките за решавање на спорови настанати при давањето на платежни услуги, платните системи и конечноста на порамнувањата, надзорот над платежните институции, институциите за електронски пари и операторите на платните системи, воспоставувањето и одржувањето на единствениот регистар на сметки, како и други прашања поврзани со платежните услуги и платните системи.

„На билатералниот скрининг за Поглавје 4 – Слободно движење на капитал, кој се одржа во февруари 2023, Европската комисија искажа подготвеност да ѝ даде можност на Македонија  за забрзана интеграција во одредени области, при што земјата ќе има можност да ги користи сите бенефиции кои ги нуди конкретната област, а без притоа да е полноправна членка на Унијата. Од 2020 година постои можност земјите кои не се членки на Европската Унија и еврозоната да имаат право да се вклучат кон Единствената европска платежна област (СЕПА), која е една од приоритетните активности и во Планот за раст на земјите од Западен Балкан.  На 30 април 2024 година, Народната банка достави предапликација за пристапување во СЕПА до Европската комисија заради добивање на необврзувачко мислење по однос на усогласеноста на домашната регулатива со регулативата на ЕУ, релевантна за пристапување во СЕПА-областа. Со оглед дека постојниот закон за платежни услуги и платни системи во голема мера е усогласен со европското законодавство од оваа област, Европската комисија укажа на потребата за допрецизирање на дел од одредбите од постојниот закон, заради успешно завршување на процесот на пристапување на земјата во СЕПА областа“, рече Јанкуловски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ