сабота, 27 јули 2024

Измените на Законот за градење нова искористена можност за препукување помеѓу партиите во Собранието

Објавено на

часот

Сподели

Според ВМРО-ДПМНЕ, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, како и останатиот сет закони за коридорите, се носи „шверцерски“, нетранспарентно, за да се испумпаат ветените провизии и пенали, додека според СДСМ единствена цел е брза, ефикасна и економична изградба на патната инфраструктура.

Во дел од расправата се спомнаа и Субрата Рој, како и „Скопје 2014“.

„Го заобиколувате системот и тука нема ништо европско. Не се кратат роковите, како што велите, туку комплетно се прескокнуваат процедурите на градење. Всушност, Груби и Ковачевски треба да испумпаат 300 милиони евра, тоа треба да се направи со овие закони, зашто едно е да поедноставите, а друго да заобиколувате и да прескокнувате цели фази од постапките за градење. Во позадина се лукртаивните причини на оние кои ве тераат да ги изгласате законските измени. Ние сме против да се искраде, а не против да се изгради“, рече Златко Пенков од ВМРО-ДПМНЕ.

На тоа реплицираше Жаклина Лазаревска од владеачката СДСМ.

„Да се почне изградбата, за вас ќе биде погубно. Вие не им сакате добро на граѓаните и државата, само сакате да поентирате за вашата криминална партија. Со „жолтите“ за колку се договаравте? Треба да се засрамите“, рече Лазаревска.

Пенков во контрареплика напомена дека со законите не смее да се дозволат никакви импровизиации.

„Сакам уште еднаш да апелирам до пратениците, секогаш кога ќе има гласање за овој сет законски решенија да не дозволиме плаќање огромни суми како во овој случај 117 милиони евра. Гласањето да биде во насока на фактите, а не во насока на продолжување на лагодниот живот на одредени претставници од СДСМ и ДУИ“, рече Пенков. 

За реплика се јави и Марија Костадинова од СДСМ, потсетувајќи ги пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на соработката со Субрата Рој.

„Дали го шетавте Субрата Рој? Ако бевте толку добри во крадење, а не во градење, немаше да не исмејуваат и да го нарекуваат Скопје град на кичот“, истакна пратеничката.

Расправата по предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење треба да продолжи попладнево.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ