сабота, 18 мај 2024

Изменета е преговарачката рамка: признавањето на косово формално е услов за влез на Србија во ЕУ

Со години се навестување, во последните месеци отворено се најавуваше, но сега условот на Брисел стана и формален – министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија ги усвоија измените и дополнувањата на поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија што значи дека признавањето на Косово сега е и официјален услов за влез на Србија во „европското семејство“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Измените, кои ги усвоија министрите, се однесуваат на обврските на Србија кои произлегуваат од договорите постигнати со Приштина минатата година во Брисел и Охрид, а во вториот се инсистира на фактично и правно признавање на Косово како самостојна држава.

Во усогласениот текст во поглавјето 35, во кој увид имала редакцијата на Радио слободна Европа, се наведува дека напредокот на Србија во пристапните преговори со ЕУ ќе биде воден од напредокот на земјата во подготовките за пристапување.

Тоа, како што се наведува, „ќе се мери особено во однос на континуираното ангажирање на Србија на видливо и одржливо унапредување на односите со Косово, како и другите барања содржани во точката 23 од преговарачката рамка“.

Во текстот се истакнува дека Србија треба целосно да ги спроведе обврските кои произлегуваат од Договорот за патот за нормализација меѓу Косово и Србија, според неговиот анекс за имплементација, договорен во март 2023 година.

„Сите расправи во врска со примената на Договорот ќе се одвиваат во рамки на дијалогот со поддршка од ЕУ“, се наведува во усогласениот текст за измените на поглавјето 35 во преговарачката рамка на Брисел и Белград.

Всушност, Охридскиот договор, кој српската страна не го потпиша, сега насилно е вклучен во пристапните преговори и станува важечка обврска на Србија.

Околу формалното усвојување на овие измени, претставникот на ЕУ Петер Стано изјави дека Србија и Косово прифатиле нивните обврски кои произлегуваат од Договорот за патот за нормализација да станат составен дел од нивните европски интеграциски процеси.

Официјалните преговори на Србија со Брисел за членство во ЕУ почнаа во 2014 година, по условувањата за соработка со Хашкиот трибунал, а Белград и Брисел се согласија тогаш околу преговарачката рамка во која во 49 точки е дефинирано што сè Србија мора да исполни за да стане членка на ЕУ.

Косово и Метохија, кое Србија го смета за своја покраина, тогаш се најде во поглавјето 35 наречено „основни прашања“, но сега фигурира како прво и основно прашање, со кое ЕУ директно ја условува Србија.

„Ако се озакони дека признавањето на независноста на таканаречено Косово е услов за членство во ЕУ, тоа го отвора прашањето на понатамошниот статус на преговорите и дали ЕУ навистина ја сака Србија како членка. Србија има свој устав и став дека нема да ја признае независноста на Приштина, што Брисел го знае. Според тоа, тие носат политичка одлука да ги оневозможат понатамошните преговори со Србија доколку тоа стане дел од преговарачката рамка. Србија ќе каже дека нема да го признае Косово, и дека ЕУ треба да се изјасни во таа смисла дали сака да ги продолжи преговорите со Србија, како членка на ОН со нејзините меѓународно признати граници или сака нешто друго. Ние ќе бараме од нив да се изјаснат“, кажа неодамна српскиот дипломат Зоран Миливојевиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ