„Во спокој“ е нејзина деветта изложба со која се претставува пред македонската публика. Станува збор за нов циклус дела кои истражуваат теми како личните емоции, секојдневните моменти и симболиката на навидум незначајни детали. На изложбата ќе бидат претставени околу 40 дела, главно изработени во голем формат, со техники како масло, ладен восок, акрил и комбинирана техника на платно.
Изборот на делата за оваа изложба е направен од професорот Костадин Танчев – Динка, познат графичар, графички дизајнер и сликар. Осврт на творештвото на Анита Огњановска ќе направи професорот Владимир Мартиновски – истакнат поет, есеист и книжевен преведувач. Дополнително, поетесата Ана Бунтеска напиша песна насловена „Во спокој“, инспирирана од сликите кои ќе бидат дел од оваа изложба и истата ќе биде претставена на отворањето на изложбата.
Концептот на изложбата „Во спокој“
Огњановска ги претставува своите дела како метафори за животот – навидум едноставен, но исполнет со слоеви комплексни емоции и искуства. Нејзините апстрактни композиции ја истражуваат интеракцијата помеѓу бојата и текстурата, создавајќи хармонија која ги повикува гледачите да откријат скриени значења под површината. Текстурите ја симболизираат слоевитоста на времето и искуствата, додека хоризонтите се прикажани како симбол на надеж и бесконечни можности.
Огњановска вели дека нејзините дела содржат елементи на охрабрување – потсетници дека под хаосот постои ред, а под немирот – спокој. Во нив таа ги истражува љубовта и страста како движечки сили на креативноста, но и теми како надминување лични стравови и пронаоѓање внатрешна храброст.
За Анита Огњановска
Анита Огњановска е ликовен уметник од Скопје со над 15 години искуство. Покрај самостојните изложби во Македонија, Хрватска и Данска, нејзините дела биле дел од групни изложби во Шпанија, Италија, Косово, Грција, Турција, Босна и Херцеговина, Франција, Данска и Австралија. Таа активно учествува на уметнички симпозиуми и колонии низ светот, што придонесува за збогатување на нејзината уметничка визија. Учеството на значајни настани како Salon d’Automne и Salon de Beauxarts во Париз и изложбите KUNST FOR ALLE во Копенхаген и Архус ја потврдуваат нејзината растечка препознатливост во светот на современата уметност. Нејзините дела се застапени во галерии во Данска, Грција и Австралија и се дел од приватни колекции ширум светот.
Ве покануваме да бидете дел од ова уметничко доживување што ветува инспирација и спокојство!