Началничката на полицијата во Луисвил, Жаклин Гвин Виларел, на прес-конференција рече дека напаѓачот купил полуавтоматска пушка на 4 април во една локална продавница.
Во нападот во зградата на банката во центарот на Луисвил загинаа пет лица, а осум се ранети.
Напаѓачот беше убиен во пресметка со полицијата. Објавено е и видео од нападот од полициските камери, на кое се гледаат хаотични сцени и како напаѓачот пука во двајца полицајци што се обидуваат да го спречат нападот. Еден од полицајците е застрелан во главата.
Едно видео го покажува напаѓачот со пушка опкружен со скршено стакло. Од полицијата соопштија дека откако веќе пукал во луѓето во банката, поставил заседа за да ги нападне полицајците што пристигнувале во објектот.
Двајца полицајци пристигнале во банката три минути по пријавувањето на нападот, соопшти полицијата. Не излегле ниту од автомобилот кога напаѓачот отворил оган.
Полицаецот што беше тешко повреден дипломирал на полициската академија 10 дена пред нападот. Моментално е во критична, но стабилна состојба. Неговиот колега, кој го тренирал, а кој пукал во напаѓачот, е полесно повреден.
На видеото се гледа и како се приближува до осомничениот, кој лежи на земја. До неговото тело се гледа пушка.
Шефицата на полицијата ги поздрави „херојските постапки“ на полицајците, кои без двоумење се соочиле со напаѓачот.
„Тие тргнаа во опасност за да спасат животи. Ја запреа заканата за да може да се спасат животи. Без двоумење“.
Полицијата во Луисвил го идентификува напаѓачот како 23-годишниот Конор Стерџон, кој од минатата година бил вработен во банката, каде што претходно бил практикант во три наврати.
Жртвите се идентификувани како Џошуа Берик (40 години), Дејна Екерт (57), Томас Елиот (63), Џулијана Фармер (45) и Џејмс Тут (64).
Мотивот за ова масовно убиство не е познат.
Полицијата соопшти дека напаѓачот бил вооружен со пушка и дека нападот го пренесувал во живо.
Ова е 15-то масовно убиство во земјата оваа година, а се случува само две недели откако поранешна ученичка уби три деца и тројца возрасни во основно училиште во Нешвил, Тенеси.
Претседателот Џозеф Бајден го осуди најновото масовно пукање во земјата, велејќи дека Америка „уште еднаш е во жалост поради бесмислен чин на оружено насилство“.
Изразувајќи го своето сочувство до семејствата на жртвите, Бајден повторно ги повика републиканците во Конгресот да дозволат усвојување на законот за контрола на оружјето.
„Премногу Американци со живот ја платија цената на неактивноста по ова прашање“, рече американскиот претседател.
Мич Меконел, републиканскиот лидер што ја претставува државата Кентаки во Сенатот, напиша на Твитер дека веста од Луисвил силно ги погодила него и неговата сопруга и им се заблагодари на полицијата и брзата помош за нивната храброст.
Меконел додаде дека се моли за жртвите, нивните семејства и градот Луисвил додека чека нови информации. Сопругата на Мич Меконел, Елејн Чао, е поранешна министерка за транспорт во администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Во одделен инцидент, еден маж беше убиен, а една жена повредена во пукање пред колеџ во Луисвил, три километри подалеку од банката. Полицијата соопшти дека има уште осомничени и дека тие се во бегство.
Луисвил е најголемиот град во државата Кентаки, со население од 625.000 жители.