„Ја избравме поротата. Да ги избереме уште и нивните замени“, рече судијата Мерчан.
Кога новите поротници положија заклетва да ја проценат вината на „фер и непристрасен“ начин, Трамп не го тргаше погледот од нив.
Седум мажи и пет жени беа избрани да ги разгледаат наводите дека 45-тиот претседател заговарал во 2016 година – непосредно пред својата успешна кампања во Белата куќа – да ги скрие исплатите за молк на две жени за да ги прикрие нивните тврдења за наводни вонбрачни афери со него.
Обвинувањата се фокусираат на исплатите на порно актерката Сторми Даниелс и моделот на Плејбој, Карен Мекдугал, кои рекоа дека имале вонбрачни сексуални средби со Трамп години претходно, како и на вратар од Трамп кулата кој тврди дека знае за вонбрачно дете на Трамп. Трамп вели дека ниту една од наводните сексуални средби не се случила.
Првиот поранешен претседател на САД кому му се суди на кривичен суд, Доналд Трамп, а кој се надева дека ќе се врати во Белата куќа во 2025 година, од понеделник мораше да присуствува на изборот на поротата.
На помалку од седум месеци пред претседателските избори во ноември, на републиканскиот кандидат му се суди за обид да го купи молкот на поранешната порно ѕвезда Сторми Даниелс неколку дена по изборите во 2016 година на кои тој ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон.
Повеќе од три години по напуштањето на Белата куќа, Трамп може да биде осуден на затворска казна. Тоа нема да го спречи да биде претседателски кандидат на изборите на 5 ноември, на кои сака да му се одмазди на Џо Бајден, но судењето може да ја воведе кампањата во непознато.
Доколку биде ослободен, тоа ќе биде голем успех за републиканскиот кандидат.