недела, 7 декември 2025

Живот без стареење? Научник тврди дека луѓето за 4 години ќе ѝ „бегаат“ на смртта

Компјутерскиот научник и футурист Реј Курцвеил верува дека човештвото ќе постигне „брзина на бегство од стареењето“ за само четири години. Концептот во суштина вели дека, поради медицинскиот и технолошкиот напредок, наскоро ќе стигнеме до точка кога нашиот животен век секоја година ќе се продолжува за повеќе од една година, со што, всушност, ќе почнеме да си „го враќаме времето“ наназад. Ова е многу контроверзен концепт, и таков што – дури и да е можно – би барал широк пристап до најсовремената медицинска технологија.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Смртта и даноците – двете неизбежности на човечкиот живот. Барем засега. Ако прашате некои од најистакнатите футуристи во светот, смртта можеби нема уште долго да биде на таа (секако кратка и клишеизирана) листа, пишува Популар меканикс.

„Во заедницата на футуристи кружи контроверзната идеја наречена ‘брзина на бегство од стареењето’. Звучи како супер научна фантастика, но всушност се однесува на идејата дека како што се подобрува технологијата за продолжување на животот, така нашиот очекуван животен век би можел да се зголемува побрзо отколку што ние старееме во одреден временски период. На пример, додека медицинските иновации постојано напредуваат, ние и понатаму би старееле за една година во текот на една календарска година. Но нашиот очекуван животен век би се зголемил, да речеме, за една година и два месеци — што значи дека практично би си ‘вратиле’ два месеци живот.“

Во март 2024 година Реј Курцвеил, поранешен инженер на Гугл и истакнат футурист фокусиран на вештачката интелигенција, за повеќе медиуми изјави дека верува оти до 2029 година човештвото ќе постигне брзина на бегство од стареењето.

„По 2029 година ќе си враќаме повеќе од една година. Враќање назад во времето“, вели Курцвеил во интервју за фирмата за ризичен капитал и приватен капитал Бесемер венчр партнерс. „Откако ќе можете да се вратите барем една година, сте достигнале брзина на бегство од стареењето.“

Тоа може да изгледа како неверојатно блиска иднина, но Курцвеил се чини цврсто убеден, главно затоа што медицинскиот напредок се чини дека се забрзува.

„Вакцината против ковид ја направивме за десет месеци“, вели тој во интервјуто. „Беа потребни два дена за да се создаде. Бидејќи за два дена иссеквенциониравме низ неколку милијарди различни мРНА секвенци. Се случуваат многу други напредоци. Почнуваме да гледаме како се користи симулираната биологија и тоа е една од причините зошто ќе постигнеме толку голем напредок во следните пет години.“

Не може да се негира дека медицинскиот напредок спаси безброј животи и очигледно го продолжи животниот век, особено во најразвиените делови од светот. Но клучно е тоа што „очекуван животен век“ не е исто што и „животен век“, а концептот на брзина на бегство од стареењето се однесува на првото. Постигнувањето на овој концепт не е исто што и постигнување бесмртност.

„(Постигнувањето брзина на бегство од стареењето) не ви гарантира вечен живот“, рече Курцвеил. „Може да имате 10-годишно дете и да пресметате дека тоа пред себе има многу, многу децении долговечност, но тоа може да умре утре.“

Главна причина за тоа е непредвидливоста на животот. За жал, веројатно нема да ги излечиме сите видови рак, да речеме, во следните четири години, а ракот е болест дефинирана од случајноста на мутациите што го предизвикуваат, вели Популар меканикс. Несреќите се исто така животен факт, иако Курцвеил тврди дека преку технолошкиот напредок како што се автомобилите што возат сами шансите за смртоносна несреќа во блиска иднина исто така брзо ќе се намалат.

Курцвеил е добро познат во технолошкиот свет по својата импресивна евиденција на точно предвидување на временските рокови за технолошкиот напредок. Тој успешно го предвиде ширењето на преносните компјутери (т.е. мобилните телефони и лаптопите) и ви-фито, постоењето на клауд-сервиси, како и дека компјутер ќе го победи светскиот шампион во шах до 1998 година (што се случи во 1997), меѓу многуте други предвидувања. Сепак, тој многу пати и згреши. Никој не може да ја предвиди иднината, дури ни со сите светски податоци в џеб.

Покрај тоа, важно е да се запомни дека, во суштина, постигнувањето на брзината на бегство од стареењето се базира на статистичките пресметки на просечниот животен век. Ако е воопшто можно да се постигне, тоа не би значело дека сите во светот одеднаш ќе доживеат драматично продолжен живот.

За тоа би требало сите да имаат пристап до самиот врв на најсовремената медицинска технологија и инфраструктура, што е многу малку веројатно да се случи во рок од четири години.

Како пример за таа мала веројатност, туберкулозата – болест што со децении знаеме како да ја третираме и да ја спречуваме – убива повеќе луѓе годишно низ целиот свет од која било друга заразна болест (со исклучок на тригодишниот период во кој беше надмината од ковид-19). Постоењето на медицински третмани и напредоци не е синоним за нивна широка примена.

Вистина е дека медицината брзо напредува, како и технологијата. И ако минатото има нешто да каже за иднината, тие напредоци веројатно и натаму ќе го продолжуваат просечниот животен век. Но колку и да е привлечна идејата за брзината на бегство од стареењето, таа засега сè уште е само предвидување. И смртта и даноците, во оваа временска точка, сѐ уште остануваат неизбежни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ