петок, 6 февруари 2026

Песната на Спрингстин против убиствата на АЈС во Минеаполис стана хит во Америка

Протестната песна на Брус Спрингстин, „Улиците на Минеаполис“, која ја критикува американската Имиграциска и царинска служба (АЈС), а тој ја нарекува „државен терор“, се искачи на врвот на музичките топ-листи во Соединетите Американски Држави. Минатата недела била најпродаваната песна во земјата, пишува Хил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Песната го зазеде првото место на Билбордовата листа за дигитална продажба на песни за последната недела од јануари, со продадени 16.000 преземања, според податоците на компанијата Луминејт. Билборд истакна дека песната на Спрингстин стигнала на врвот иако била достапна само два дена во рамките на периодот за следење на продажбата. Двете верзии од објавената песна на Јутјуб имаат над 10 милиони прегледи за една недела.

Легендарниот американски рокер, инаку чест критичар на Доналд Трамп, чија администрација ја нарекува „корумпирана“ и „предавничка“, минатата недела на социјалните мрежи изјави дека песната ја напишал „како одговор на државниот терор што се спроведува во градот Минеаполис“.

Песната е објавена по два одделни смртоносни инциденти минатиот месец во Минеаполис во кои беа вклучени федерални имиграциски службеници. Во јануари федерален службеник за имиграциско спроведување, за време на акција на Министерството за домашна безбедност во Минесота, ја застрела и ја уби 37-годишната Рене Гуд.

Помалку од три недели подоцна, агент на Царинската и граничната патрола го уби Алекс Прети, 37-годишен техничар на одделот за интензивна нега. Во својата порака Спрингстин наведе дека песната им е „посветена на луѓето од Минеаполис, на нашите невини соседи имигранти, како и во спомен на Алекс Прети и Рене Гуд“.

Во песната 76-годишниот музичар остро ги критикува Трамп и Министерството за домашна безбедност, пеејќи: „Приватната војска на кралот Трамп од МДБ, со пиштоли под капутите, дојде во Минеаполис да го спроведува законот, или барем така велат“.

Стиховите понатаму опишуваат еден од инцидентите: „Федералните силеџии на Трамп го удираа по лицето и градите, а потоа се слушнаа истрели и Алекс Прети лежеше мртов во снегот“. Спрингстин пее и: „Тврдат дека било самоодбрана, господине, само не верувајте им на сопствените очи. Тоа се нашата крв и коски, нашите свирежи против валканите лаги на Милер и Ноум“, алудирајќи на министерката за домашна безбедност Кристи Ноум и заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер.

Како одговор на песната на Спрингстин, помошничката на министерката за домашна безбедност, Триша Меклафлин, претходно за Хил изјави: „Со нетрпение ги очекуваме песните на господинот Спрингстин посветени на илјадниците американски граѓани што биле убиени од нелегални имигранти криминалци“.

Таа додаде дека „храбрите мажи и жени од АЈС спасуваат животи апсејќи ги најлошите од најлошите нелегални имигранти криминалци, вклучително и убијци, силувачи, педофили, дилери на дрога, членови на банди и терористи“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ