четврток, 25 декември 2025

Научници дизајнираа ворп-погон што теоретски функционира според реалната физика

Нова студија покажува дека ворп-метриките можат да се вклопат во дизајни на вселенски бродови инспирирани од „Ѕвездени патеки“.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Додека живеел во студентскиот дом на Универзитетот во Кардиф, Велс, мексиканскиот физичар Мигел Алкубиере — кој тогаш работел на докторска дисертација по нумеричка релативност — напишал краток труд во кој се обидел да ја објасни физичката изводливост на ворп-погонот. Алкубиере често ги поминувал петочните вечери со пријателите гледајќи ја серијата „Ѕвездени патеки: Следната генерација“, а една вечер се запрашал како точно би можел да функционира таквиот погон. Трудот бил објавен во 1994 година, а младиот физичар тогаш не можел да знае дека неговата работа ќе инспирира децении истражувања за реални примени на ворп- патувањето.

Сега, една нова студија предводена од Харолд „Сони“ Вајт — поранешен научник во НАСА и раководител на експерименталната лабораторија „Иглворкс“ во Вселенскиот центар „Џонсон“ — го продолжува тоа истражувачко наследство, надоврзувајќи се на оригиналната работа на Алкубиере. Наместо да се потпираат на неговиот модел со сферичен ворп-меур, Вајт и неговите колеги од „Казимир спејс“ развиле нов вид ворп-геометрија што ги намалува физичките ограничувања на ваквиот погон. Резултатите од студијата беа објавени во научното списание Класична и квантна гравитација.

„Студијата претставува нова класа ворп-меури составени од повеќе одделни ворп-гондоли, наместо од еден непрекинат прстен како кај традиционалниот модел на Алкубиере“, напиша Вајт во електронска порака за списанието Популар меканикс. „Со тоа се создава пораздвоена, помодуларна архитектура, налик на мотор, за обликување на простор-времето.“

Страсните обожаватели на „Ѕвездени патеки“ добро го знаат поимот „nacelles“, односно гондоли — долгите цилиндрични погонски делови што го движат вселенскиот брод „Ентерпрајз“. Но во интервју за Дебриф Вајт објаснува дека тие гондоли (технички, Гаусови цилиндри) се многу повеќе од обичен омаж.

„Сличноста со двојните гондоли на УСС ‘Ентерпрајз’ не е само естетска“, вели Вајт за Дебриф, „туку укажува на можно спојување на физичките барања и инженерскиот дизајн, каде што решенијата од научната фантастика може да насочат кон практични патишта за вистински конфигурации способни за ворп-патување.“

Оригиналната ворп-метрика (математичкиот опис на геометријата на простор-времето) на Алкубиере имала неколку ограничувања, но најголемото било тоа што за неа била неопходна егзотична материја позната како негативна енергија. Иако во квантниот свет може да се забележат траги од таква енергија преку Казимировиот ефект, класичната физика не дозволува нејзино постоење — а на ворп-меурот на Алкубиере му биле потребни универзални количества од неа. Во трите децении по објавувањето на трудот на Алкубиере, научниците постепено го подобрувале дизајнот (главно со намалување на потребните количества негативна енергија), но со тоа идејата за ворп-патување ја поместиле само од „невозможно“ во „неверојатно“.

Новиот дизајн создава геометрија што ја пренасочува енергијата кон цилиндричните гондоли, овозможувајќи телото на леталото да остане стабилно за време на хипотетско патување побрзо од светлината. Сепак, решението на Вајт и понатаму зависи од некакво идно научно откритие што би овозможило создавање и искористување на негативната енергија — едно големо „ако“.

Бидејќи негативната енергија претставува толку сериозна пречка во физиката на ворп-погоните, некои физичари наместо тоа се насочиле кон идеи за ворп-погони напојувани од сончевата светлина, кои не зависат од егзотична материја. Но, без оглед на пристапот, ворп-погонот останува нешто што ѝ припаѓа на научната фантастика — барем засега.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ