Истражувањето спроведено врз повеќе од 86.000 возрасни лица во 27 европски земји покажало дека луѓето кои редовно зборуваат неколку јазици во просек побавно стареат.
Меѓународен тим предводен од Агустин Ибанез, чии резултати се објавени во списанието Нејчр ејџинг, ја споредил хронолошката возраст на учесниците со биолошки податоци и моделите на однесување, вклучувајќи ги здравјето, кондицијата, начинот на живот и социјалната активност.
Потоа пресметале дали поединците се биолошки помлади или постари од нивната хронолошка возраст.
Учесниците биле на возраст помеѓу 50 и 90 години.
Полиглотите имале значително помала веројатност да доживеат забрзано стареење од оние кои зборувале само еден јазик. Уште повеќе, ефектот не запира на два јазика, а секој дополнителен јазик го засилувал заштитниот ефект, откриле истражувачите.
Петер Берлит, генерален секретар на Германското здружение за неврологија (ДГН), кој не бил вклучен во студијата, вели дека истражувањето укажува и на заштита од деменција.
„Оваа студија ги потврдува помалите опсервациски студии кои покажале дека повеќејазичноста се чини дека е заштитен фактор против деменција“, вели Берлит.
Иако во студијата не биле вклучени луѓе со деменција, тој кажа дека постојат важни индикации за механизми кои би можеле да го намалат ризикот од когнитивен пад во староста.
„Користењето повеќе јазици го зголемува отпорот кон когнитивниот пад“, заклучува Берлит.
Научниците сега планираат да истражат дали учењето нови јазици подоцна во животот има ист заштитен ефект како и доживотната повеќејазичност.
„Идните студии треба да направат разлика помеѓу јазиците што се учат во детството и оние кои се учат во старост. Верувам дека и двата се ефикасни, но ова останува да се докаже“, вели Берлит.
Во секој случај, додава Берлит, „учењето нов јазик е едноставна и многу ефикасна препорака за превенција од деменција и тоа е мерка на здравствената политика што секој може да ја спроведе“.






