вторник, 27 јануари 2026

ДЗР се сомнева во објективноста на финансиските извештаи на Општина Охрид – нема урбанистички планови за 20 населени места, ниту отстранување на бесправно изградените објекти

Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505 илјади денари е без програма и претходно обезбедена согласност од Советот, покажа ревизијата спроведена од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Објавено на

часот

Сподели

Според конечниот извештај што го објави ДЗР, во дел од населените места се утврдени изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс за кои не е платен надоместок за уредување градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.

Општина Охрид нема искажано побарувања по основ на надоместок за одржување јавна чистота, а ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплаќа овие средства во општинскиот буџет. За 2024 година, по овој основ јавното претпријатие прикажало обврски од 22.880 илјади денари, а Општината има поднесено тужби за 2021, 2022 и 2023 година во износ од 53.831 илјада денари. Исто така, не се искажани побарувања за комунална такса за користење простор за паркирање моторни возила на територијата на општината. Јавното претпријатие кое стопанисува со паркинзите на подрачјето на општината ЈП „Билјанини извори” Охрид со години ја нема уплатено комуналната такса, чија обврска, според евиденцијата на претпријатието, изнесува 3.901 илјада денари.

„Без одлука од Советот на општината, извршен е отпис на побарувања од буџетски корисници во износ од 534 илјади денари за фактурирани комунални трошоци во период од 2017-2020 година) и отпис на 4.832 илјади денари, претплатни салда за кои нема соодветна поткрепувачка документација, а се однесуваат на повеќе физички и правни лица. Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, a за данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок не се пресметува и наплатува камата. Надоместокот за уредување на градежното земјиште се пресметува по одлуки од 1997, 1999 и 2011 година, во кои е утврден процентот на висината на надоместокот по зони од просечна градежна вредност по 1 метар квадратен за нето површина во износ од 17 илјади денари, а зоните не се ажурирани според степенот на уреденост, што влијае на остварените приходи и средствата потребни за уредување на земјиштето“, наведува ДЗР.

Според извештајот, за 11 населени места/села Советот на општината нема донесено урбанистички планови за село и урбанистички план вон населено место, а за 9 населени места донесени се решенија за одобрување на планска програма за изработка на урбанистички план, но истите сè уште не се донесени. Во дел од населените места ревизијата утврди изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.

„Во постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се следи наплатата на надоместокот за уредување правен статус на бесправно изградени објекти кој е на одложено плаќање (12 еднакви месечни рати), така што се издадени решенија со само една извршена уплата. Иако Советот има донесено 1.748 одлуки за утврдување на потребата од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, во рок од пет години по нив не е постапено. За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност, донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки да бидат отстранети, иако овластените градежни инспектори за период од 2019 – 2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со Планот за заштита на културно наследство за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, пишува во извештајот на ДЗР.

Ревизијата утврдила и дека не е донесен урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 метри, сметано од границата на КП 1/1 „Охридско Езеро“), а за Годишната програма за поставување урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство.

„Во текот на 2024 година, 23 угостителски објекти користат јавна прометна површина без издадено одобрение за поставување на урбана опрема и уплатена комунална такса за користење на просторот, а издадените одобренија иако се однесуваат за период од три месеци, се користат за 12 месеци. Поставената урбана опрема, (натстрешници кои се градежно прицврстени на јавната површина со фиксна конструкција, челични столбови, затворен простор со стаклена преграда) не претставува лесно монтажен-демонтажен елемент и ја нарушува основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот. За вршење угостителска дејност надвор од деловниот објект на простор наменет за давање угостителски услуги, не се издадени одобренија од страна на градоначалникот на општината, согласно Законот за угостителска дејност – ‘поставена урбана опрема’.

Општината не остварува приходи по основ на комунална такса за користење на површини во кампови, подигање шатори и друга слична употреба, иако на територијата на Општина Охрид регистрирани се 6 автокампа. Врз основа на спогодба од 2023 година, извршена е експропријација на градежно земјиште во КО Велгошти, сопственост на правно лице, кое земјиште согласно ГУП е наменето за градење на објекти за општа употреба/гробишта, а како надомест за експроприраното земјиште се дава градежно земјиште во државна сопственост со намена хотелски комплекс“, оценуваат ревизорите.

Согласно извршената овластена проценка, експроприраното градежно земјите е проценето во вредност од 3.315 илјади денари, додека земјиштето кое се дава како надомест на 2.622 илјади денари, а за разликата од 693 илјади денари понудена е друга недвижност за која сè уште постапката е во тек.

„Со оглед дека се предлага надоместок за експроприрана недвижност на друго државно земјиште предметот е доставен и до државното правобранителство на РМ кое укажува да се запазат одредбите од Законот за води кои се однесуваат на земјиште кое не смеело да биде предмет на правниот промет, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на крајбрежниот појас на Охридското Езеро.  За капиталните вложувања во водоводната, канализационата мрежа и атмосферска канализација, како и доградбата на општинската зграда не е запишано правото на сопственост, иако објектите подолго време се користат. Објектите за кои со одлуки од 2005 година се пренесени основачките права и обврски како и правото на сопственост врз основните, средните училишта и една детска градинка се запишани во сопственост на единките корисници, без одлука на Советот на општината. За изградба на општинските патишта, пречистителни станици и линиски инфраструктурни проекти кои согласно Законот за градење спаѓаат во втора категорија нa градби, не е обезбедено одобрение за градење, градежните активности се изведуваат без изготвен проект и проектна документација, а техничките спецификации/премер пресметки се изработени од страна на надлежните служби. По овој основ во текот 2024 година исплатени се вкупно 49.431 илјади денари“, информира ДЗР.

Во извештајот е заклучено дека се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето на Општината и поради нивното значење е изразено мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ