сабота, 27 јули 2024

Ивица Дачиќ: Антисрпска и дрска е изјавата на Бујар Османи

Дрска и антисрпска е изјавата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оцени денеска министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ откако денеска Османи најави дека Македонија ќе биде еден од коспонзорите на резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Дачиќ му упати прашање на Османи: „Дали сака заедно со Србија да поднесе резолуција за геноцидот над Србите во Јасеновац.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и уште на сето тоа не повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани“, изјави Дачиќ на ТВ Б92.

Османи денеска рече дека Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата со која се бара 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Османи ги повика земјите членки на ОН, а особено Србија да ја поддржат таа резолуција.

За резолуцијата за геноцидот во Сребреница, која треба да се најде пред Генералното собрание на ОН на 2 мај, Дачиќ рече дека документот ќе го предложат „најголемите геноцидни земји“.

„Зошто нема резолуција за германскиот геноцид врз Србите или турскиот врз Ерменците или врз Србите во Независната Држава Хрватска, рече Дачиќ, наведувајќи дека „Германија, Холандија и Белгија извршија геноцид врз милиони луѓе во Африка“.

Дачиќ рече дека оние кои го извршиле „злосторството во Сребреница“ треба да одговараат за тоа, но дека за Србија е „неприфатливо муслиманите да се единствените жртви на војната“.

Со многу остар речник реагираше и поранешниот шеф на безбедоносната агенција БИА и поранешен министер за одбрана, лидерот на Движењето на социјалистите, Александар Вулин, кој порача дека Македонија можела барем да се воздржи, ако веќе неможе да ја поддржи Србија.

Фото: ЕПА

„Србија е единствената земја што граничи со Северна Македонија и никогаш не побарала од нејзе да го смени името, историјата, уставното уредување или официјалниот јазик. Кога се викаа Поранешна Југословенска Република Македонија и Скопје, ние ги нарекувавме Македонија. Со нив делевме лекови за време на епидемијата на ковид, им ги дадовме нашите резерви од жито, брашно и шеќер, а СПЦ на Македонската црква ѝ овозможи независност и име. Северна Македонија за сето тоа им се заблагодари на Србите со признавањето на таканареченото Косово и сега со ентузијастичко учество во резолуцијата која треба да ги прогласи Србите за геноцидна нација. Северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку не можат да ја поддржат Србија. Северна Македонија навистина треба да го смени јазикот заедно со името и историјата, како што бараат Бугарите, навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам“, изјавил Вулин за Вечерни новости.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ