сабота, 27 јули 2024

Иванов извини, Борко за претседател! (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Објавено на

часот

Сподели

Несовладлив: Борко Ристовски

Ристовски пред очите на претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој специјално допатува во Белград за да ја бодри нашата селекција, ги „спушти ролетните“ на својот гол и ги доведе полските ракометари до очај. Едноставно, Борко им одбрани сè и сешто на Полјаците. Бранеше удари од девет метри, им фати живи топки, одбрани зицери, еднаш и два во ист напад од пет секунди…

Шоуто Ристовски го најави уште на полувреме, кога стигна до 12 одбрани и 50 отсто успешност. Неговата сигурност влеа дополнителна сигурност и во одбраната, па секој период на лоши напади, кои во вториот дел беа предолги за нас, Борко го решаваше и ја водеше Македонија кон победата. Победа што нè остава во игра за највисок пласман, а со малку среќа и до борба за медал.

Македонија на ова ЕП во Србија се претплати на трилер-мечеви, па не можеше да не одигра уште еден во низата и со Полска, иако на полувреме резултатот и играта најавуваа дека лесно ќе го минеме противникот, кој веќе набива комплекс од нас. По поразот во Хрватска на СП, сега вторпат Полска губи од Лазаров и другарите. И овојпат со неверојатна завршница, а можеше да биде многу лесно. Барем така најавуваше првиот, магичен дел.

Осум минути пред крајот на мечот, Македонија преку Ристовски и контрата на Миркуловски ги врати шесте гола позитива од полувремето. Имавме и играч повеќе, но следуваше несфатлив пад. Полска за 40 секунди ни даде два гола, па уште два во следните минута и пол. Серијата од 4-0 ги одведе Полјаците во неизвесна завршница, наместо нас да нè одведе кон сигурен триумф.

Седмерците на Лазаров беа пресудни за да се одржи предноста до победа

На семафорот стоеше 25-23 за нас. Публиката замолкна, но Кире Лазаров со гол од пенал успеа да ги загрее дланките на петилјадната македонска фаланга, четири минути пред крајот. Криштов Лијевски повторно врати на два гола, но одговори одново Лазаров со гол од седум метри. На семафорот стоеше 27-24 и две и пол минути до крајот. Јурецки ги врати двата негатива за Полска и дуелот влезе во трилер-завршница.

Следуваше напад за Македонија, кој на 70 секунди го промаши Стевчо Алушовски со удар со кој во Хрватска победивме, со лоб. Топката удри во пречката и им даде шанса на Полјаците да се вратат во игра. Владимир Темелков беше исклучен 17 секунди подоцна, но противникот направи сè, освен едно – да го совлада Борко. Ристовски одбрани и му стави точка на мечот. До крајот и Наумче Мојсовски беше исклучен, на 11 секунди пред крајот, а Полјаците во последниот напад ја погодија стативата.

Исцрпеноста од напорните мечеви се виде во вториот дел кај македонските ракометари, кои без Лазаров останаа со помалку идеи за нападот, па во периоди од по пет минути не дававме гол во второто полувреме. Полска одигра фластер на капитенот и тоа се покажа вистински потег за да се одведе мечот во трилер-завршница, откако македонските ракометари одиграа уште еден фантастичен прв дел.

Магично прво полувреме играа ракометарите во „Белградска арена“, еднакво на тоа против Данска, со само една разлика. Македонија сега имаше шест гола предност 18-12 и игра што најавуваше фантастична победа. Предводени од Лазаров и неговите пет гола во првата половина од тој дел, како и од Мојсовски, и вечерва феноменалниот Ристовски, црвено-жолтите играа како во транс. Не се ни препознаваше психичката истрошеност по трагичниот пораз од Данците.

Воведните 4-1 само ги зголемувавме на 10-4, 12-6 и сето тоа беше плод на одличната организација и користењето на секоја шанса создадена со играч повеќе или со два играчи повеќе. Македонија материјализираше на највисоко ниво. Но ракометарите во вториот дел застанаа.

Откако Лазаров погоди на стартот, се залепи „фластерот“ и веднаш направивме пауза од пет минути без гол. Но одбраната функционираше сигурно, Полска немаше идеја, сè додека во 40 минута, не почнаа играчите да прават почетнички грешки. Полска со серија од 4-0 првпат се закани веќе по десет минути во вториот дел. Темелков и Ристовски ја задржаа разликата на три, а по првото исклучување за Полска, Алушовски и Ванчо Димовски ја вратија Македонија на сигурно, плус пет. Лазаров погоди за да се вратиме на старите позиции. Полска во тие моменти немаше идеја, седум минути не даде гол, но не се ни предаде.

Миркуловски последен стрелаше на осум минути до крајот, кога и започна нашиот пад во играта, но не и на голманот на Вардар Про, кој на крајот сам ќе ги победи Полјаците. Деветнаесет одбрани, 44 отсто успешни одбрани ќе стојат зад неговото име како играч на мечот.

Лазаров со девет гола и максимален ефект од седум метри е предводникот во нападот, а Мојсоски, Алушовски и стоотстотниот Темелков дадоа по четири гола.

Кај Полска Бартож Јурецки даде пет, Томаш Тлушчински четири, колку и Криштоф Лијевски, а Бартоломеј Јашка го задржавме на само еден гол. Очајни, за наша среќа, им беа голманите на Полјаците Вихари и Вишомирски, кои заедно собраа шест одбрани, колку Борко сам во првите 10 минути.

Од Белград, Златко Крстевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ