сабота, 27 јули 2024

Иван Антоновски: ДПМ е формирано за да се слушне, а не пригушува гласот на писателите

За превирањата во Друштвото на писателите на Македонија – ДПМ, отакако од девет членови на претседателството, осуммина поднесоа оставки, покрај Фросина Пармаковска, од членовите на ДПМ се огласи и Иван Антоновски преку својот фејсбук-профил. Тој вели дека ДПМ е формирана во 1947 година за да се слуша гласот на писателите, а не да се пригушува. Писателот пак, Петар Андоновски, како и Пармаковска, побара избори во писателската организација и ново раководство, и ги поддржа писателите кои поднесоа оставки во претседателството. Живко Грозданоски вели дека единствено нешто што останува е да биде свикано Генерално собрание и да се избере ново, легитимно раководство. „Секоја друга активност на и во ДПМ отсега па натаму би била отворено самоволие…важно е да се потенцира дека најголема грешка што кој било член на ДПМ сега може да ја направи е да го напушти Друштвото“, вели Грозданоски. Славе Ѓорѓо Димоски напиша: „Треба комплетно распуштање на раководството и на ДПМ и барање нова форма на здружување.

 

Објавено на

часот

Сподели

Антоновски на својот фејсбук – профил напиша:

Од формирањето во 1947 година па наваму, Друштвото на писателите на Македонија не еднаш се соочувало со проблеми и премрежиња. Ама никогаш претходно во историјатата не било доведено до ова дереџе заради „приватизирање и манипулирање“, како што беше нагласено во една од неотповикливите оставки.

„Веќе се покажува како недостатно и недоволно членовите на Друштвото да решаваат за својата дејност главно на годишните собранија или на некои од ретките пленарни состаноци, а управите да ја водат не само тековната работа, туку и да заземаат став за оние прашања што ја претставуваат политиката на Друштвото во целост.“ Ова го има кажано еден од оснивачите на ДПМ, Ацо Шопов, во 1965 година.

Но, денес, на членовите на Друштвото, не ни се дозволува да решаваме ниту на годишно собрание или на ретки пленарни состаноци, затоа што претседателката на Собранието, Кристина Николовска, откако е на таа позиција, ниту еднаш не го има свикано Собранието. Иако, Статутот на ДПМ предвидува дека седница на Собранието се свикува најмалку еднаш годишно.

Во некои други времиња, во ДПМ имало и некаква идеолошка комисија. Ама ниту тогаш, ниту во времето потоа, не се случило барем формално да не се даде можност во македонската писателска асоцијација да се слушне гласот на македонскиот писател. А сега се случува! Со тоа се гази по достоинството на членството – македонски писатели. Ама се гази и по влогот на оние што го формирале ДПМ со првиот претседател Блаже Конески и по влогот на сите оние кои во ДПМ пред нас вложиле дел од себеси. Затоа што ДПМ е формирано и постои за да се слушне гласот на македонскиот писател, а не за да се пригушува! ДПМ е на македонските писатели и не е фирма во приватна сопственост за некој да може со месеци да ни ја затвора вратата на ДПМ и да нè деградира. Однесувајќи се кон нас и како да не постоиме!

По вчерашните неотповикливи и достоинствени оставки на осум од девет члена на Претседателството на ДПМ, и морален чин ќе беше да поднесеа оставки и претседателот Христо Петрески, и деветтиот член на Претседателството, Васил Тоциновски и претседателката на Собранието. И притоа, претседателката на Собранието да го свика Собранието! Свикувањето на Собранието во ваква ситуација не е само морална обврска! Тоа е повеќе и од досега непочитуваната статутарна обврска!

Но, наместо да се покаже барем малку доблест и да се овозможи членството да го каже својот став, очигледно, во овие тешки моменти се пристапува кон обид за целосна приватизација на ДПМ!

Затоа, денес, македонскиот писател мора повторно да го крене својот глас за ДПМ! Затоа што тоа е глас и за достоинството и вредностите на македонскиот автор и на македонското книжевно дело.

И затоа, во овие моменти, ние, членовите на ДПМ мораме И ЈАВНО ДА БАРАМЕ претседателката на Собранието на ДПМ, веднаш да го свика Собранието. И македонскиот писател да даде одговор на прашањето како понатаму! За да го вратиме достоинството по кое некој постојано погазува токму во просториите и зад знакот на ДПМ!

Македонскиот писател мора да го каже својот став!

Да го упатиме нашиот повик, да се слушне нашиот глас! За писателското достоинство во македонскиот културен контекст!

                                                                Фото: Фејсбук на Антоновски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ