Седницата е закажана по денешните интензивни израелски воздушни напади на Бејрут, и два дена по смртоносните експлозии на бежичните уреди на припадници на Хезболах, во кои загинаа 37 лица.
Продолжувањето на насилството меѓу Израел, од една страна, и Хезболах и Хамас од друга, би можело да разгори разорен регионален конфликт, предупредуваат Обединетите нации, откако во вчерашен израелски напад на Бејрут беа убиени најмалку 14 луѓе, вклучувајќи високи команданти на Хезболах.
Заменичката на генералниот секретар на ОН за политички прашања Розмари Дикарло изјави дека „постои опасност од разгорување на ситуацијата до многу големи размери“.
„Не е предоцна за таква лудост да се избегне. Сè уште има простор за дипломатија. Силно ги повикувам земјите членки кои имаат влијание на спротивставените страни да го употребат тоа влијание“, кажа Дикарло.
Заменикот на американскиот претставник во ОН Роберт Вуд го повтори ставот на Вашингтон дека САД немале никаква улога во израелските напади и ги повика сите вмешани страни да се воздржат од акции кои би можеле регионот да го турнат во војна.