сабота, 27 јули 2024

Итен состанок во Германија: „Расте бројот на бегалци, проблемите се сѐ поголеми“

Објавено на

часот

Сподели

„На денешниот состанок одам со не толку позитивно чувство. Мислам дека федералната влада не ги сфаќа сериозно проблемите со кои се соочуваат сојузните покраини“, рече премиерот на сојузната покраина Баварија Маркус Содер (Христијанско-социјалната унија ЦСУ) пред состанокот во канцеларијата на канцеларот Олаф Шолц.

И премиерот на сојузната покраина Долна Саксонија, која во моментов претседава со конференцијата на сојузните покраини, Стефан Вајл (Социјалдемократската партија на Германија СПД) изрази скептицизам за позитивниот исход од денешната средба.

„Мислам дека се работи за еден длабок конфликт меѓу федералното и покраинските нивоа и не се надевам премногу дека ќе се договориме за основните прашања денес“, рече Веил.

На состанокот што беше најавен пред неколку недели, претставниците на федералните и покраинските власти треба да најдат решенија за проблемот со финансирањето на грижата за бегалците, чиј број драстично е зголемен во првиот квартал од годинава.

Федералните покраини бараат од државните власти посилна финансиска поддршка и преземање на финансирањето на домувањето и социјалната грижа за бегалците, додека федералните власти истовремено зборуваат за „искористени финансиски капацитети“ што укажува на недостаток на средства.

Покрај финансирањето, на состанокот треба да се разговара и за обидите за намалување на бројот на баратели на азил.

Само во првите три месеци од годинава регистрирани се 101.981 нови барања за азил, главно од лица кои илегално влегле во Германија. Споредено со минатата година, ова е зголемување од 78 проценти и повеќе отколку во минатата предпандемиска 2019 година.

До крајот на годината, бројот на баратели на азил, во што не се вклучени бегалците од Украина кои автоматски добиваат статус на бегалци, би можел да ја надмине границата од 300.000.

Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер (СПД), неодамна објави начелен договор околу тоа барањата за азил да се решаваат на надворешните граници на Европската унија. Само на апликантите со реални изгледи за добивање право на азил ќе им биде дозволен влез во ЕУ.

Друго прашање се однесува на проблемот со неможноста да се вратат лицата чии барања за азил се одбиени. Најголемиот проблем лежи во фактот што земјите на потекло одбиваат да ги примат сопствените државјани.

Владата на почетокот на годината формираше посебен комитет кој треба да работи на билатералните договори со земјите на потекло. Истовремено, се зборува за прогласување на одредени земји како Грузија, Молдавија или Тунис за безбедни земји, што би овозможило побрза процедура за решавање на барањата за азил.

Околу 50 отсто од барањата за азил во Германија се одбиени. Но, по одбиеното барање, апликантите имаат право на жалба, а управните судови, поради обемот на работа, често донесуваат конечна одлука дури по повеќе години. Додека се чека одлука, барателите на азил добиваат социјална поддршка, која главно се финансира од локалните власти.

Во моментов во Германија живеат околу 300.000 луѓе кои треба да бидат депортирани поради недостаток на причина да останат.

Според податоците на Сојузниот завод за вработување, повеќе од 50 отсто од бегалците кои во 2015/2016 главно од Сирија и Ирак пристигнале во Германија добиваат поддршка за невработеност.

Политичарите го критикуваат фактот дека со зголемувањето на социјалните бенефиции е намалена атрактивноста на послабо платените работни места, особено за работниците со пониски квалификации, што најмногу се однесува на бегалците од Блискиот Исток.

Во пресрет на денешната средба, владејачката партија Зелени претстави план од десет точки со кој се предвидува посилно учество на федералната влада во финансирањето на престојот на барателите на азил, особено кога станува збор за мерките за интеграција кои би им помогнале на бегалците со перспектива за долгорочен престој побрзо да се вклопат во пазарот на трудот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ