Како што пренесува Би-би-си, во селото Белкастро, со 1.200 жители, кое е оддалечено 45 километри од најблиската болница, управата на жителите со уредба им нареди да избегнуваат болести.
Во уредбата се наведува дека луѓето што живеат во Белкастро се обврзани да избегнуваат заразување со каква било болест за која може да е потребна итна медицинска помош.
Селаните беа замолени да не се впуштаат во потенцијално штетно однесување и да избегнуваат несреќи во домаќинството, да не излегуваат од дома премногу често, да не патуваат ниту да спортуваат, туку најчесто да одмораат.
Градоначалникот Антонио Торчиа изјави дека оваа уредба е донесена со цел да се откријат недостатоците во здравствениот систем.
Торчиа рече дека овој потег е очигледно хумористична провокација, но дека има поголем ефект отколку итните известувања што им ги испраќал на регионалните власти за да укаже на недостатоците на локалниот здравствен систем.
Посочувајќи дека повеќе од половина од населението во селото е над 65 години, Торчиа подвлече дека најблиската служба за итна помош е оддалечена повеќе од 45 километри.
Тој додаде дека патиштата до болницата носат повеќе ризици од која било болест.