петок, 26 јули 2024

Италијанскиот супервулкан во пет часа го погодија 150 земјотреси (ФОТО)

Речиси 150 земјотреси, најсилните во последните 40 години, се регистрирани вчера вечерта и утринава на Флегрејските полиња во близина на Неапол во јужна Италија, кои не предизвикаа поголема штета, но предизвикаа паника меѓу населението, соопштија властите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Земјотрес со јачина од 4,4 степени е регистриран во 20 часот и 10 минути по локално време на длабочина од 2,5 километри, соопшти Националниот институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ).

ИНГВ забележа десетици послаби потреси на тлото во следните часови. Вкупно, околу 150 земјотреси ја погодија областа за помалку од пет часа, почнувајќи од 19:50 часот. Според Мауро Ди Вито од ИНГВ „ова е најсилната серија земјотреси во последните 40 години“.

На видеата објавени на социјалните мрежи од страна на жителите, може да се видат шишиња млеко и пијалоци расфрлани во продавниците во општината Поцуоли во областа на Флегрејските полиња, каде живеат околу половина милион луѓе. Земјотресот беше јасно почувствуван и во Неапол, вклучително и во областа на пристаништето.

Училиштата денеска ќе останат затворени во Поцуоли, каде што се отворени сместувачки центри и се поставени шатори на паркинг и плоштад покрај морето за да се сместат жителите кои се во паника, објави на Фејсбук градоначалникот на градот, Луиџи Манцони. Од противпожарната бригада велат дека жителите пријавиле пукнатини во куќите и делови кои паднале од фасадите на зградите.

Флегрејските полиња се засенети од блискиот Везув, чија ерупција ја избриша Помпеја од картата во 79 година од нашата ера. Локалните жители и научниците се загрижени за оживување на активноста поради гасовите што се испуштаат од магмата што врши притисок врз површината што предизвикува пукање на земјата.

„Мораме да живееме во постојан страв“, сведочеше жител на Поцуоли на јавниот канал Раињуз. „Колку долго зградите ќе можат да ги издржат сите овие удари, тоа е она што се прашуваме, бидејќи тие не се изградени за да претрпат толку удари“.

„Земјата продолжува да се крева со брзина од два сантиметри месечно, што е повисока стапка од минатата година, и се чини дека за жал ќе продолжи“, процени вулканологот Мауро Ди Вито на Канал 21.

Според експертите, сепак, сценариото за катастрофа, односно исфрлање лава, пепел и камења, е малку веројатно во блиска иднина. Флегрејските полиња веќе некое време се погодени од многу помали земјотреси.

Главно, тоа се мали и тешко забележливи потреси кои ја ослабуваат земјината кора на тој простор. Истражувачите постојано предупредуваат за овој феномен. Веќе 11 години, жолта тревога е во сила за областа, која повикува на претпазливост.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ