петок, 27 декември 2024

Италијански суд одлучи дека седум мигранти мора од Албанија да се префрлат во Италија

Суд во Италија пресуди дека седум мигранти што биле префрлени во центар за баратели на азил во Албанија мора да бидат однесени во Италија, што е нов удар за договорот што италијанската премиерка Џорџа Мелони го постигна со својот албански колега Еди Рама.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мажите од Египет и Бангладеш беа собрани во Медитеранот минатата недела од италијанската морнарица, а потоа однесени во Албанија за да се решат нивните барања азил.

Веќе се одбиени пет барања, но италијанските судии ја одложија нивната депортација.

Два центри за баратели на азил беа отворени во Албанија минатиот месец, но оттогаш главно се празни.

Првата група мажи, исто така од Египет и Бангладеш, требаше да бидат донесени во октомври, но им беше дозволено да заминат во Италија откако италијанските судови пресудија дека ниту Египет ниту Бангладеш не можат да се сметаат за безбедни земји, што е услов за процесуирање во албанските кампови.

Во меѓувреме, владата на десничарската премиерка Мелони со декрет усвои нова листа од 19 наводно безбедни земји, вклучувајќи ги и тие две земји, но италијанскиот суд побара да се провери законитоста на таа одлука во Европскиот суд на правдата. Ниту Бангладеш ниту Египет не се сметаат за безбедни земји според европските закони.

Италија е првата членка на Европската Унија што ги обработува барањата за азил надвор од ЕУ. Другите членки на европскиот сојуз внимателно ја следат ефективноста на планот на италијанската премиерка бидејќи размислуваат за сличен пристап.

Мелони и Рама минатата година објавија дека постигнале договор за сместување до три илјади илегални мигранти спасени во Медитеранот во два центри во Албанија. Италијанската премиерка се надева дека годишно низ камповите ќе поминуваат до 36.000 мигранти, а целата шема за пет години би требало да чини 800 милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ