сабота, 21 декември 2024

Италијански суд го ослободи вицепремиерот Салвини од обвинението за задржување мигранти на море

Италијански суд денес му изрече ослободувачка пресуда на вицепремиерот Матео Салвини, лидерот на десничарската Лига, обвинет дека незаконски спречувал истоварување на околу 100 мигранти заглавени на море додека беше министер за внатрешни работи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Судот ги отфрли сите точки на обвинението против Салвини, лидерот на евроскептичната, антиемигрантска партија, во врска со инцидентот од 2019 година, кога пет дена задржуваше мигранти на бродот на хуманитарната група Опен армс кај најјужниот италијански остров Лампедуза.

Обвинителите бараа шест години затвор за Салвини, министерот за сообраќај во владата на Џорџа Мелони. Ако беше осуден на казна поголема од пет години затвор, автоматски ќе му беше забрането да врши јавна функција.

Пресудите во Италија се сметаат за правосилни дури по две апелациски нивоа, а тој процес може да потрае со години.

Салвини ги отфрлаше обвиненијата од почетокот на процесот, тврдејќи дека неговото дејствување било насочено на заштита на границите на Италија. Тој беше обвинет и за неисполнување на јавните должности.

Во август 2019 бродот на групата Опен армс се приближи до Италија со 150 мигранти спасени на море. Тие минале 10 дена во меѓународни води и потоа уште пет дена кај Лампедуза, поради што хигиенските услови на бродот значително се влошиле.

Некои мигранти скокнале во море, а малолетниците биле евакуирани додека бродот стоел во близина на Лампедуза. На крајот судот ѝ нареди на владата да дозволи истоварување на преостанатите 89 луѓе на островот.

Задржувањето на тој број е само еден од повеќе од 20 такви случаи за време на мандатот на Салвини како министер за полиција (2018-2019), за време на првата влада на Џузепе Конти, кога имаше тврд став кон миграцијата.

Салвини тогаш ги затвори италијанските пристаништа за хуманитарните спасувачки бродови, а групите кои ги спасуваа мигрантите на море ги обвинуваше дека поттикнуваат шверц на луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ