Иако законот ги опфаќа сите странски јазици, тој конкретно е насочен кон „англоманијата“ или употребата на англиски зборови. Во нацрт-законот се наведува дека англиските зборови го „понижуваат и умртвуваат“ италијанскиот јазик, додавајќи дека тоа е уште полошо бидејќи Обединетото Кралство повеќе не е дел од ЕУ, пишува Си-ен-ен.
Предлог-законот, кој допрва треба да оди на парламентарна расправа, бара сите службеници во јавната администрација да имаат „писмено и усно познавање на италијанскиот јазик и истиот да го владеат“. Исто така, се забранува употреба на англиски јазик во официјалната документација, вклучително и „акроними и наслови“ на работни места во компании кои работат во земјата.
Дополнително, според новиот закон, странските субјекти ќе треба да имаат изданија на сите интерни прописи и договори за работа на италијански јазик. „Не е само прашање на мода, бидејќи модата поминува, туку англоманијата има последици за целото општество“, се наведува во предлог-законот. Првиот член од законот гарантира дека дури и во канцелариите за странци кои не зборуваат италијански, тој мора да биде примарен јазик.
Сите оние кои нема да го почитуваат законот може да добијат казни од 5.000 евра до 100.000 евра. Според предложениот закон, Министерството за култура ќе формира комисија чија надлежност ќе вклучува „правилна употреба на италијанскиот јазик и неговиот изговор“ во училиштата, медиумите, трговијата и рекламирањето.