петок, 27 декември 2024

Италија испрати во Албанија уште осум мигранти пресретнати во меѓународните води

Италијански воен брод денеска се закотви во албанското пристаниште Шенѓин со осум мигранти кои ќе бидат процесуирани затоа што биле пресретнати во меѓународни води, еден месец откако прва група беше вратена бидејќи не го поминала процесот на верификација.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е само втор трансфер на мигранти откако во октомври почнаа да работат двата центри за обработка на барањата за азил во Албанија, според договорот на албанската и италијанската влада врз основа на петгодишниот договор меѓу двете земји според кој во Албанија ќе се сместуваат месечно по 3.000 мигранти кои италијанската крајбрежна стража ги пресретнува на море.

Идејата е во овие центри да се одлучува дали мигрантите ќе го добијат бараниот азил во Италија или ќе бидат вратени во своите земји.

Според планот, Италија прифати да прима мигранти на кои им е одобрен азил, додека оние чии барања ќе бидат одбиени ќе се депортираат во своите земји директно од Албанија.

Истиот брод ги префрли првите 16 мигранти од Бангладеш и Египет во Албанија во октомври. Четворица во ист ден биле однесени во Италија бидејќи се малолетни или имале здравствени проблеми.

Останатите 12 биле вратени во Италија три дена подоцна, откако римските судии ги отфрлија нивните услови за притвор, пресудувајќи дека нивните земји на потекло Бангладеш и Египет не се доволно безбедни за да бидат вратени.

Бродот на италијанската морнарица Либра во средата го напушти островот Лампедуза со осум мажи, јавуваат италијанските медиуми. Портпаролот на италијанското Министерство за внатрешни работи потврди дека бродот се упатил кон Албанија, но не сакаше да даде дополнителни информации додека не заврши операцијата.

Италијанските медиуми објавија дека од 1.200 мигранти кои пристигнале во Лампедуза во изминатите два дена, само осум возрасни мажи кои патувале без семејство ги исполниле критериумите да заминат во Албанија, вклучително и дека доаѓаат од земји кои се сметаат за „безбедни“ за нивно враќање.

Бројот на луѓе кои пристигнуваат во Италија преку мигрантската рута во централниот дел на Медитеранот, главно од Бангладеш, Сирија, Тунис и Египет, падна за 60 отсто во 2024 година во споредба со 2023 година. Според италијанското министерство за внатрешни работи, до 7 ноември годинава по морски пат пристигнале 57.767 мигранти.

Судската одлука го скрати списокот на земји кои според законот се сметаат за „безбедни“, што значи дека Рим може да ги враќа мигрантите од оние земји кои не добиле азил користејќи брза постапка.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја осуди претходната одлука на судот и рече дека прогласувањето на земји како Бангладеш и Египет за небезбедни значи дека практично сите мигранти нема да бидат подобни за албанската програма, со што програмата воопшто нема да може да функционира.

На 21 октомври, италијанската крајнодесничарска влада одобри нов декрет со цел да се надминат правните пречки кои ризикуваа да го заглават тој петгодишен план за префрлање мигранти во Албанија. Планот беше потпишан во 2023 година од Мелони и албанскиот премиер Еди Рама.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ