Казните беа воведени за да се поттикне вакцинацијата во земјата која се бореше да ја сузбие пандемијата. Италија беше меѓу земјите најтешко погодени од пандемијата, која беше откриена на почетокот на 2020 година, и регистрираше повеќе од 190.000 смртни случаи, според податоците на Светската здравствена организација.
Марио Драги, претходникот на премиерката Џорџа Мелони, одреди вакцинацијата за наставниците и здравствените работници да биде задолжителна и ја прошири обврската на сите постари од 50 години за време на својот мандат помеѓу 2021-2022 година.
Јавните службеници кои одбија да се вакцинираат беа суспендирани од работа без плата, а оние над 50 години ќе добиеја казна од 100 евра.
Во владиното соопштение се наведува дека се укинати казните, како и сите обврски за плаќање. Италијанските медиуми изнесоа идеја за враќање на парите на оние што платиле, но тоа не беше споменато во соопштението.
Мелони, која ја презеде функцијата на крајот на 2022 година на чело на десничарската коалиција, ги обвини своите претходници Драги и Џузепе Конте за идеолошкиот пристап кон ковид, ветувајќи дека поинаку ќе ги прават работите.
На тој потег со гнев реагираа опозициските партии.
„Укинувањето на казните за оние кои не се вакцинираа е како да им намигнувате на противниците на вакцинацијата“, рече Рикардо Маги, претставник на малата италијанска партија +Европа.