Новото истражување од Кина предупредува дека самото ставање топла храна во пластични садови – дури и без употреба на микробранова печка – може да има сериозни последици за здравјето на срцето.
Научниците спроведоа експеримент врз стаорци, изложувајќи ги на вода која била зовриена, а потоа ставена во пластични капаци од контејнери за испорака на храна за една, пет и петнаесет минути. Експериментот траеше три месеци, а резултатите покажаа значителни промени во цревната флора и зголемено воспаление, што е познат фактор на ризик за кардиоваскуларни болести.
Покрај тоа, истражувачите откриле оштетување на миокардот, срцевиот мускул и заклучиле дека честото изложување на пластика може да го зголеми ризикот од конгестивна срцева слабост.
За понатамошно истражување на ефектите на пластиката врз здравјето, научниците анализирале податоци од 3.200 лица кои одговориле на анкета за нивните навики во исхраната и кардиоваскуларното здравје.
Резултатите покажаа дека луѓето кои често јадат храна од пластични садови почесто имаат проблеми со срцето, особено конгестивна срцева слабост, пренесува Њујорк пост.
Авторите на студијата препорачуваат избегнување на употреба на пластични садови за послужување топла храна додека не се спроведат дополнителни истражувања за долгорочните ефекти на пластиката врз човечкото тело.
Ако сакате да ја намалите изложеноста на потенцијално штетни материи, размислете за алтернативи како што се стаклени или керамички садови. Иако пластичните садови се практични, нивната честа употреба може да има скриени здравствени последици.