четврток, 2 јануари 2025

Истражување: Секоја цигара го скратува животот на мажите за 17 минути, а на жените за 22

Пушачите се предупредуваат да се откажат од својата навика во новата година бидејќи најновото истражување покажа дека мажите губат 17 минути од животот со секоја испушена цигара, додека на жените животот им се скратува за 22 минути.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е повеќе од претходните проценки кои сугерираат дека секоја цигара го скратува животот на пушачот за 11 минути. Проценките на експертите кои укажуваат дека секоја цигара во просек води до 20 минути загуба на живот кај двата пола, се засновани на најновите податоци од долгорочните студии кои го следат здравјето на населението.

Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон рекоа дека штетата предизвикана од пушењето е „кумулативна“ и колку побрзо човек се откаже и колку повеќе цигари избегне, толку подолго ќе живее.

Новата анализа, нарачана од британското Министерство за здравство и социјална грижа, сугерира дека ако пушач кој пуши 10 цигари дневно се откаже од 1 јануари, тој до 8 јануари би можел „да спречи загуба на цел ден од животот“.

До 20 февруари животот би можел да му биде продолжен за цела недела, а доколку се откаже од пушењето до 5 август, веројатно ќе живее цел месец подолго отколку кога би ја продолжил лошата навика.

Авторите додадоа: „Истражувањето сугерира дека пушачите обично губат приближно ист број здрави години како и вкупните години на животот. Така, 60-годишниот пушач обично ќе има здравствен профил на 70-годишен непушач“.

Анализата, која ќе биде објавена во „Журнал на зависности“, заклучува: „Проценуваме дека, во просек, пушачите во Британија кои не престануваат да пушат губат приближно 20 минути животен век за секоја цигара што ќе ја испушат“.

Експертите велат дека откажувањето од пушење на која било возраст е корисно, но „колку побрзо пушачите се симнат од овој ескалатор на смртта, толку подолг и поздрав живот можат да очекуваат“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ