сабота, 21 декември 2024

Истражување: Над 9 милиони луѓе во Британија живеат во екстремна сиромаштија

Повеќе од девет милиони луѓе, вклучително и секое петто дете, живеат во екстремна сиромаштија во Велика Британија без доволно пари за прехрана и задоволување на основните потреби, се вели во најновиот извештај на невладината организација Трасел траст.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вкупно 14 отсто од населението кое живее во Обединетото Кралство се соочувало со глад и скудност на крајот на март 2023 година, или милион луѓе повеќе отколку пред пет години, според студијата на Трасел траст, добротворната организација која води широка мрежа на банки за храна низ земјата.

Сиромаштијата особено ги погодува децата, од кои 20,9 отсто се во таква ситуација, како и третина од семејствата со еден родител и 28 отсто од припадниците на црнечките, африканските и карипските малцинства.

Повеќе од половина од 9,3 милиони погодени жители живеат и во семејство со член кој страда од инвалидитет, нагласува организацијата.

Според Трасел траст, пандемијата на ковид и зголемувањето на цените што ја погодија земјата поради војната во Украина делумно ја објаснуваат влошената ситуација. Организацијата вели дека дистрибуирала рекордни 3,1 милиони пакети со храна помеѓу април 2023 и март 2024 година, двојно повеќе од пет години порано.

Исто така се истакнуваат слабостите на системот на социјална помош, особено во однос на исплатата на додатокот за домаќинствата со ниски или без приходи, што беше започнато во 2013 година од страна на конзервативната влада.

Соочена со овие бројки, невладината организација ја повикува лабуристичката влада да преземе мерки за подобрување на системот на социјална помош, особено со дефинирање на заштитено минимално ниво на бенефиции.

„Ако ништо не се промени, бројот на луѓе кои не можат да се прехранат и живеат во сиромаштија само ќе се зголеми“, предупредува Хелен Барнард, директорка за политика, истражување и влијание во Трасел траст, како што е цитирано во соопштението за печатот.

Владата, која ќе го претстави својот следен буџет на крајот на месецот, мора да даде приоритет на реформите во системот на социјална помош, инсистира Барнард.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ