недела, 19 мај 2024
Истражување

ИРИ: За македонските граѓани Србија е најважен сојузник, Бугарија е закана

За 34 отсто анкетираните граѓани на Македонија најважен сојузник е Србија, пред САД, за кои се определиле 17 отсто, трета е Турција со 12 отсто, а по нив Русија со 8 отсто и Албанија со 5 отсто. Ова го покажува последното мултинационално истражување на  Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во земјите на Западен Балкан.

Објавено на

часот

Сподели

Најголема закана за Македонија е Бугарија, одговориле 23 проценти од македонските граѓани опфатени со анкетата на ИРИ спроведена во февруари и во март годинава со интервјуирање лице в лице на 7.138 возрасни испитаници во шесте земји на Западен Балкан. На второ место е Русија со 12 отсто, на трето Косово со 10 отсто, на четврто Албанија со 9 отсто и на петто САД со 8 отсто.

На прашањето каков треба да биде курсот на надворешната политика на Македонија, само 31% од испитаните (1.220) македонски граѓани сметаат дека надворешната политика треба да биде проЕУ и прозападна, 12 отсто од анкетираните сметаат дека треба да биде прозападна со одржување на односите со Русија, за еднаква прозападна и проруска надворешна политика се 23%, за проруска со одржување на релациите со ЕУ и Западот 11%, а само проруска – 5 отсто.

Дали членството во НАТО е позитивно или негативно за земјата? Во Албанија 64 отсто од испитаниците сметаат дека е многу позитивно, во Македонија 32 отсто.

Како ќе гласате ако денеска се одржи референдум за членство на вашата земја во ЕУ? Во Макдонија 68 отсто од анкетираните граѓани одговориле дека би гласале позитивно (2022 тој процент беше 66), а против би гласале 13 %.

На прашањето дали ЕУ е сериозна во намерата да понуди членство на земјите од Западен Балкан, во Македонија 34% велат да, а 47% одговориле со не.

Според ИРИ, оваа анкета покажува широка поддршка на земјите од Западен Балкан, Албанија, Косово, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, за членство во Европската Унија.

На прашањето дали би го поддржале влезот во ЕУ доколку референдумот се одржи денеска, силно мнозинство во пет од шесте земји би гласале за пристапување во алијансата, од 68 отсто во Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, мноштво од 40 отсто го поддржуваат пристапувањето во ЕУ.

„Постои силна желба низ Балканот да се зајакнат западните економски врски и да се приклучат кон ЕУ“, рече Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ. „Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција со ЕУ може да помогне да се постигне одржлив просперитет“, вели Мекарти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ