сабота, 27 јули 2024

Истражување на Галуп: Во војна само 34% од граѓаните би се бореле за Македонија

Ако има војна во која е вклучена и вашата држава, дали би се бореле за својата земја? На ова прашање „Да“ одговориле 34% од анкетираните во Македонија, „не“ одговориле 51%, а 15% – не знам/не дале одговор, објави Дојче веле.

Објавено на

часот

Сподели

Во истражувањето на светската асоцијација „Галуп интернешнл“ биле анкетирани гражаните на 45 земји во светот, интервјуирани биле вкупно 46.138 лица, телефонски, онлајн или лице в лице, во периодот од октомври до декември 2023 година. Во Македонија, лице в лице лани од 1 до 21 декември биле интервјуирани 1.202 полнолетни граѓани.

Просекот во земјите членки на ЕУ е 32%, оние кои не би се бореле е 47%, а 21% немаат одговор.

„Денес помалку луѓе во светот се подготвени  да се борат за својата земја  во споредба со пред една деценија“, оценуваат истражувачите.

Ако на крајот од 2014 година подготвеноста за учество во борба во светски рамки била 61%, на крајот од 2023 година таа паднала на 52%. Пред десет години 27% биле против учество во борба, а на крајот од 2023 година така се изјасниле 33%.

„Се чини дека декларираната подготвеност за учество во борба за земјата е намалена по избувнувањето на неколку конфликти во различни делови на земјината топка во последните години. Во 2014 година, на пример, по анектирањето на Крим од Руската Федерација, ставовите за истото прашање покажаа дека 61% од населението на глобално ниво е подготвено да се бори за својата земја, а 27% изразиле спротивно мислење. Во светски рамки, сега јасно се гледа поделбата меѓу глобалниот Југ/Исток и глобалниот Север/Запад. Додека граѓаните на ЕУ (32% би се бореле), на САД (41% би се бореле, 34% не) и на Канада (34% „да“, а 37% „не“) се во многу помал степен подготвени да се вклучат во борба ако нивната земја е во војна, луѓето во Западна Азија (со 77% „да“), Блискиот Исток (73% „да“) каде тензијата во моментов исто така е висока, како и во Индија (76% „да“), во многу поголем степен се подготвени да се борат за својата земја“, се оценува во новото истражување.

Во Албанија 60% одговориле „да“- ќе се борат ако има војна во нивната земја, а 28% „не“. Уште повисок е процентот во Косово, каде од анкетираните 79% одговориле „да“, а 14% „не“.

Резултатите во Србија се слични како во Македонија – 36% од анкетираните Срби би се бореле за земјата, а 50% „не“. Во Босна и Херцеговина 40% одговориле „да“, а 47% „не“.

Во соседна Бугарија, која е членка на ЕУ, 30% би се бореле за земјата, а 42% „не“.

Кои земји се во првата петорка според подготвеноста на нивните граѓани да се борат ако таму има војна? На прво место во „топ 5 – да“ е Ерменија (96% одговориле „да“), Саудиска Арабија (94% „да“), Азербејџан (88% „да“), Пакистан (86% „да“) и Грузија (83% „да“).

Најмал процент со одговор „да“ бележи Јапонија, каде само 9% од анкетираните искажале подготвеност да се борат за земјата во случај на војна, а 50% одговориле „не“.

Во „топ 5 – не“, односно држави каде граѓаните изразиле најмалку склоност да се борат ако има војна во нивната земја, предничи Италија (78% одговориле „не“), Австрија (62% „не“), Германија (57% „не“), Нигерија (54% „не“) и Шпанија (53% „не“).

Во Русија сега 32% (а биле 59% пред десет години) се изјасниле дека се подготвени да војуваат за својата земја, 20% одговориле дека не се подготвени, а високи 48% одговориле „не знам“.

„Но, исто така, треба да се забележи дека ова прашање е поставено во земја каде што спротивставувањето на војната сега е практично кривично дело. Во Украина, луѓето се посклони лично да ја бранат својата земја (62%) – без промена во изминатата деценија. Но и таму 33% изјавиле дека не би учествувале во борби за својата земја“, наведуваат од „Галуп интернешнл“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ