сабота, 27 јули 2024

Историски момент за Германците, испраќаат речиси 5.000 војници на руската граница

Постојаната германска бригада од околу 4.800 војници во Литванија на границата со Русија ќе биде борбено спремна во 2027 година, порачаа денес министрите за одбрана на Германија и Литванија по потпишувањето на договорот за распоредување на бригадата.

Објавено на

часот

Сподели

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус оцени дека договорот за трајно разместување на германската бригада во Литванија е историски бидејќи тоа е првпат Германија трајно да стационира трупи надвор од своите граници.

„Сакаме и спремни сме да ја браниме територијата на НАТО“, кажа Писториус на конференцијата за медиуми со литванскиот колега Арвидас Анасаускас по потпишувањето на договорот за распоредување германска бригада до 2027 година.

Писториус истакна дека целта е стационирање на 4.800 војници и околу 200 цивили во координација со НАТО, пренесува Ројтерс.

НАТО го зајакнува военото присуство на источната граница на западниот воен пакт. Повеќето единици ќе пристигнат во Литванија од 2025 до 2026 година, а нивните семејства ќе добијат добри услови, вклучувајќи училишта на германски јазик, градинки и станови, кажа Писториус.

„Брзината на проектот покажува дека Германија ја разбира новата безбедносна реалност“, истакна германскиот министер. Германија веќе ја предводи мултинационалната борбена група на НАТО во Литванија од околу 1.000 војници која ќе биде интегрирана во новата бригада.

Литванија ќе потроши околу 0,3 отсто од својот бруто домашен производ во следните неколку години за изградба на станови и други инфраструктурни објекти за германските трупи и веројатно ќе мора поради тоа да ги зголеми даноците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ