сабота, 27 јули 2024

Историска тужба на САД против Епл за уништување на конкуренцијата и монопол

Соединетите Американски Држави поднесоа историска тужба против Епл, во која технолошкиот џин е обвинет за монополизација на пазарот на паметни телефони и уништување на конкуренцијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во тужбата на министерството за правосудство на САД се тврди дека компанијата ја користела својата голема моќ од контролата над ајфонот за да ги ограничи конкурентите, како и опциите достапни на потрошувачите. Министерството го обвинува Епл за „задушување на растот на нови апликации и намалување на привлечноста на конкурентските производи“. Епл соопшти дека енергично ќе се бори против тужбата и ги негира обвинувањата.

Во тужбата поднесена до федералниот суд во Њу Џерси се наведува дека Епл користел „низа флуидни правила“ во обид да „спречи иновации“ и да ги „задуши конкурентите“.

Јавниот обвинител Мерик Гарланд кажа дека „компанијата ги поткопува туѓите апликации, производи и услуги кои корисниците би ги направиле помалку зависни од ајфонот, и би ги намалиле трошоците за потрошувачите и програмерите“.

Гарланд додаде дека ако Епл не биде зауздан, ќе продолжи „да го јакне својот монопол на пазарот на паметни телефони“.

Портпаролот на Епл Фред Саинц кажа за американските медиуми дека тужбата е „погрешна и фактографски и законски“ и дека Епл „енергично ќе се брани против неа“.

„Тужбата го загрозува она што сме и принципите кои ги издвојуваат производите на Епл на жестоко конкурентните пазари“, кажа Саинц. „Ако оваа тужба успее, тоа би ја спречило нашата можност за создавање на технологија каква што луѓето очекуваат од Епл“.

Ова е трета тужба на американското министерство за правосудство против Епл од 2009 година. Ова е воедно прва голема антимонополска акција против Епл во мандатот на претседателот Џо Бајден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ