сабота, 27 јули 2024

Историска пресуда во САД: таткото на момче-масовен убиец осуден за убиство

Џејмс Крамбли (47), татко на момчето што изврши масовно убиство во училиште во Мичиген, е осуден за убиство од небрежност. Тоа е прва ваква пресуда во САД, а се очекува во следниот месец судот да ѝ пресуди и на мајката. Момчето е осудено на доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Објавено на

часот

Сподели

Судот заклучи дека Џејмс Крамбли ја игнорирал менталната состојба на својот 15-годишен син кога му го купил полуавтоматското оружје со кое уби четворица ученици во училиште во Мичиген во ноември 2021 година.

Џенифер Крамбли, мајката на момчето, која исто така е обвинета за убиство од небрежност, се очекува да биде осудена следниот месец.

Случајот против Крамблови е прв во историјата на САД кога родителите се обвинети за убиство од небрежност за злосторства извршени од нивното дете во масовно пукање.

Синот на Џејмс и Џенифер, Итан, убил четворица средношколци на возраст од 14 до 17 години. Во престрелката беа повредени седум лица. Момчето е осудено на доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Таткото на една убиена ученичка рече дека осудувањето на таткото на убиецот е првиот чекор во борбата против оруженото насилство во САД.

„Нашите деца умираат секој ден во масовни убиства, а ние правиме малку за да го спречиме тоа. Можеме да испраќаме луѓе на Месечината, можеме да изградиме облакодери, огромни споменици како браната Хувер, но не можеме да се погрижиме нашите деца да бидат безбедни во училиштата“, рече таткото на девојчето Хана, кое беше убиено на само 14 години.

Обвинителката Карен Мекдоналд на прес-конференцијата истакна дека пресудата нема да ги врати четирите настрадани деца, но ќе ги означи одговорните за масовното убиство.

„Родителите можеле да ја спречат трагедијата доколку вложеле  и најмал напор“, рече обвинителот.

Во своите завршни зборови пред поротата, таа истакна дека Џејмс Крамбли не презел ни најмала мерка за да се осигури дека неговиот син не претставува опасност за другите откако му дал полуавтоматски пиштол. Таа исто така изјавила дека родителите не направиле доволно за да се справат со психичката состојба на својот син.

Утрото кога се случи пукањето родителите не се појавиле на училиштен состанок, на кој биле повикани поради вознемирувачки цртеж. Како што рекле, морале да одат на работа и одбиле да го земат момчето од училиште и да го однесат дома. Управата на училиштето го вратила момчето на настава, без да провери што има во неговиот ранец.

Кога таткото слушнал дека имало пукање во училиште, истрчал од работа и се упатил директно дома во потрага по пиштолот. Неговиот адвокат рече дека таткото не знаел дека неговиот син има проблеми.

Крамбли не сведочеше на судењето, за разлика од неговата сопруга, која се обиде да ја префрли вината на својот сопруг.

Обвинителите изјавија дека родителите не се погрижиле оружјето, кое му го подариле на момчето само неколку дена претходно, да биде обезбедено.

„Родителите и сопствениците на оружје имаат обврска да ги спречат децата да поседуваат смртоносно оружје“, рече активистката Ник Суплина, напоменувајќи дека пресудата ги истакнува должностите на сопствениците на оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ