Макрон ќе се сретне со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, со кого ќе посети неколку региони на Германија и ќе ги потенцираат добрите и единствени односи меѓу двете земји, објавено е на веб-страницата на германскиот претседател.
Беше најавено дека Макрон и Штајнмаер денеска прво ќе го посетат фестивалот на демократијата во Берлин по повод одбележувањето на 75-годишнината од германскиот основен закон и 35-годишнината од мирната револуција во 1989 година, која доведе до повторно обединување на исочна и западна Германија.
Поканувајќи го Макрон како единствен странски државен гостин на прославата на годишнината од основањето на Сојузна Република Германија, Штајнмаер сака да ја истакне единствената важност на германско-француското пријателство, се наведува во соопштението.
Вториот и третиот ден од посетата, Макрон ќе престојува во Дрезден и Минстер, каде што со Штајнмаер ќе разговара за заедничките предизвици на двете земји, вклучително и за европската безбедност и технолошките иновации.
За време на посетата на Минстер, на Макрон во вторник ќе му биде врачена Меѓународната Вестфалска награда за мир.
Политикологот Ерик-Андре Мартин од Францускиот институт за меѓународни односи (ИФРИ) за германски Тагешау оцени дека главната порака од посетата на Макрон на Германија е дека односот меѓу двете земји е поважен од кога било и дека е важен за цела Европа.