сабота, 27 јули 2024

Истече рокот за потпишување на договорот за изградба на ХЕЦ Чебрен

Истече рокот до кој грчката компанија Архиродон требаше да донесе одлука дали ќе ја продолжи постапката за изградба на хидроцентралаta (HEC) Чебрен или не. Архиродон на 14 септември 2023 година беше избранa за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаш да одлучи дали ќе продолжи со проектот.

Објавено на

часот

Сподели

Првично одлуката требаше да биде донесена до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) го продолжи рокот до 31 декември 2023 година заради жалбената постапка која беше во тек.

„Од грчката компанија Архиродон се жалеа на содржината на одлуката, бидејќи согласно Законот за води, прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија. Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму“, појасни неодамна ресорната министерка Каја Шукова.

Во случајов, додаде таа, Законот за води е специјален закон (легс специјалис) во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии.

„Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција од 1,4 милиони евра е до крајот на 2023 година и ако ја продолжат ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот“, истакна Шукова.

И премиерот Димитар Ковачевски неодамна порача дека на грчката компанија Архиродон, која е добитник на тендерот за изградба на хидроцентралата Чебрен, е да одлучи дали ќе продолжи со постапката или не.

Владата на 14 септември на 185-тата седница донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро. По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае седум години.

Според Извештајот на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на предметната концесија, понудувачот Архиродон е избрана за најповолна, со оглед на тоа што понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда.

„Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за води, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата“, посочија тогаш од Владата.

Според тендерот, обврска на инвеститорот е целосно да ја финансира и реализира изградбата на ХЕЦ Чебрен и Орлов камен, додека ЕСМ како партнер со задолжение од Владата ќе учествува со изградба на пристапен пат, изградба на приклучок на мрежа, експропријација на земјиште и студија за животна средина, како и со вложување на ХЕЦ Тиквеш во заедничката компанија.

Градежните работи требаше да почнат по завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено беше изградбата да трае седум години, а концесијата за води е со рок од 60 години.

Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ