четврток, 24 октомври 2024
Во Кривичниот суд

Исмет Гури седна на обвинителната клупа, но рочиштето се одложи

Поранешниот заменик директор на Управата за јавни приходи, Исмет Гури, инаку функционер на ДУИ, кој минатата недела ѝ се предаде на полиција, денеска беше спроведен во Кривичниот суд каде седна на обвинителната клупа на рочиштето за предметот даночно затајување. Но, судењето се одложи за идниот месец.

Објавено на

часот

Сподели

Судењето за даночно затајување се одложи за 4 октомври, откако на денешното рочиште не се појави еден од обвинетите. Исмет Гури, кој беше баран со меѓународна потерница по наредба на Основен кривичен суд Скопје, на 29 август самиот се пријави во полиција и денеска за прв пат седна на обвинителната клупа.

Гури беше уапсен во јули минатата година заедно со 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од УЈП, под сомнение за злосторничко здружување и даночна измама. Против него беше распишана меѓународна потерница во јануари годинава откако не бил пронајден на адресата каде ја издржувал мерката куќен притвор.

Според Обвинителството, Гури бил вплеткан во шема со даночна измама и правел поврат на ДДВ преку фиктивни сметки од 840.000 евра, а со парите купил и деловен простор.

Останати обвинети во случајот се Игор Блажев, Филип Блажев, Зоран Трајановски, Пала Тасева, Дона Дамјановска Марковиќ, Илија Васков, Дани Несторовски, Јагода Митева, Бесник Адеми, Фитим Сулејмани, Фарух Гури и правните лица ПЗУ Ринолист и ДПТУ Екслузив Камен.

Денешното рочиште се одложи поради отсуство на обвинетиот Дани Несторовски, а судијката Софче Гаврилова Ефремова се закани со построги мерки за обезбедување доколку обвинетите од слобода повторно не дојдат на судење.

Обвинителка во процесот е Ивана Трајчева која денеска побара спојување на постапката против обвинетиот Димитар Кратовски, за кого пред Судот се води уште една постапка.

Против Исмет Гури, заедно со Ејуп Алими, се водеше и случајот Титаник 3 на поранешното Специјално јавно обвинителство – СЈО за уништување изборен материјал, во кој Судот по повтореното судење минатата година им изрече неправосилни затворски казни од по три години и шест месеци.

СЈО го отвори обвинението во 2017 година и ги товареше за делото уништување изборен материјал,  односно дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир. Гури беше истакнат активист на ДУИ, кој потоа се приклучи на Демократското движење на Изет Меџити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ