сабота, 27 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Исмаил Лумановски – ѕвездата е родена!

Со мокри алишта како да излегле од базен, или жива вода што би рекле прилепчани, на сите присутни по завршувањето им изгледаше Исмаил Лумановски по концертот во Ашкенази центарот за музика и игра на заедницата одржан во Беркли минатата година чија цел е градење на цврста заедница со промовирање на светската култура.

Доколку сте стигнале порано и сте успееле удобно да се сместите на една од ретките мали округли маси, па сте потрошиле екстра пари на калифорниско слатко црно вино со потекло од блиската и надалеку прочуена за квалитетни вина долината Напа, нема да уживате во виното. Балканската музика на Лумановски ќе ве крене од столица и ќе ве натера да се приклучите на нему веќе верната толпа фанови која неговите концерти ги поминува на нозе. А да кренеш на нозе публика во Сан Франциско е успех сам за себе. Сепак, ова е Калифорнија! Станува збор за област каде редовно настапувале Сантана, Иглси, Пако де Лусија, и други врвни мајстори на занаетот и каде и денес секојдневно има по десетици настапи на врвни светски музичари од САД, Бразил, Куба, Карибите, Африка, Европа и Азија и најголемиот дел од нив веќе со познати и со издадени албуми. Самиот град е преполн со улични и кафански музичари со магистерски дипломи од најпознати музички конзерваториуми или претходни настапи во прочуени бендови. Публиката е префинета и навикната само на врвна музика.

А таа, публиката, го обожува Исмаил Лумановски! Како е воопшто можно во локалниот бенд „Инспектор Гадје“ со кој настапува во Сан Франциско, каде има минимум два врвни трубачи, несекојдневен тапанар и други виртуози на дувачки инструменти, да доминира кларинетот на Лумановски? Како е тоа физички воопшто возможно? Сосема објаснив феномен доколку знаете дека се работи за најдобриот кларинетист на светот во моментов! Има и други објаснувања. Сигурно не сте слушнале за најдобро чуваната американска тајна, балканската музика го дрма американското музичко подземје!

Легендата вели дека после една година помината на најпрестижната музичка школа Џуилијард, на Менхетен, Мајлс Дејвис веќе научил се што сакал да научи и се упатил во 53-та улица каде му се приклучува на Кралот на кралевите, Чарли Паркер – Брд. Останатото е историја на џезот во 21 век!

Џезот од неугледни барови во Њујорк и Лос Анѓелес само после неколку години го освојува светот за денес да стане дел од светското културно наследство. Балканската музика денес, слично како и џезот во педесеттите, го има започнато походот од американското музичко подземје, а најталентираните американски музичари редовно одат на аџилак во Шутка, штипските и битолските ромски маала каде ги изучуваат последните и најнови ритми на музиката. Патот на Лумановски е во обратна насока. Тој доаѓа од познатото средно музичко училиште во Битола кое го посетувале останати славни музички ѕвезди како Тоше Проевски и Каролина Гочева. Но тој, слично како и Мајлс Дејвис бил примен на Џуилијард музичката школа, но за разлика од Дејвис, Лумановски дипломирал на Џуилијард и слично како и Чарли Паркер Брт околу Лумановски денес гравитираат и учат од него една цела генерација на музичари од Њујорк до Сан Франциско.

Пред некој ден времето во Сан Франциско беше студено и дождливо и публиката киснеше на дождот 40 минути пред да се отворат вратите од салата. Меѓу публиката покрај клошари, дрифтери, илегални имигранти од јужноамериканските земји, млади професионалци од компјутерската и биотехнолошка индустрија, можеа да се сретнат и познати фаци, основачи на големи компании, уметници и политички лидери.

Само Исмаил Лумановски може да собере таква мешана публика во Сан Франциско и да ја држи до 2 часот сабајле за после тоа да замине директно на аеродром за да го фати летот за Австралија каде после неколку настапи ќе настапува во Филхармонијата во Скопје, во неговата родна Македонија, заедно со Крсте Роџевски и Дуке Бојаџиев, кој откако го објави настапот на неговиот фејсбук профил со слики од тројцата уметници доби сугестија дека ја зголемил сликата на Лумановски! Само после неколку часа Дуке имаше нова објава од концертот во Филхармонија каде сликата на Лумановски беше зголемена во однос на неговата и таа на Роџевски. И ова е пресвртницата!

Кога врсниците ќе ве препознаат, што е реткост во модерниот свет на себепромовирањето, вие го достигнувате успехот! Неверојатно галантен гест на Дуке! Многу им сме љубоморни на „Старокрајци“ што ќе имаат прилика да присуствуваат на тој историски настан во Филхармонијата во Скопје на 16 и 17-ти февруари!

Се надеваме дека ќе го пречекаат Кралот, Исмаил Лумановски – Брт, на колена со понизните извици, „Не сме ти достојни“, „Не сме ти достојни“… И можеби, можеби, еден убав сончев ден, кога „Старокрајци“ ќе престанат да се себепотценуваат, во „Вајн и Ајвори“ клубот во Мишон во Сан Франциско (поранешен „Револуција“, каде дебитираше Лумановски пред неколку години) ќе ги сретнеме Илон Маск и Бил Гејтс кои пресреќни ќе ги честат гостите со пијачка заради тоа што после многу врски, рушвет и донации успеале да ги запишат синовите на средната музичка школа… во Битола!

 Др. Мирко Стојановски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ