среда, 19 март 2025

Исламските земји го поддржаа контра предлогот на Трамп за „ривиера“ во Газа

Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) вчера го поддржа контра предлогот на Арапската лига на контроверзниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Газа и раселување на нејзините жители, изјавија двајца министри за Франс прес. Одлуката на групата беше донесена на вонредна средба во Џеда, Саудиска Арабија, три дена откако Арапската лига го потврди планот на самитот во Каиро.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Египетската алтернатива на планот на Трамп, која во голема мера беше осудена од меѓународната заедница, предлага обнова на Појасот Газа под управа на палестинските власти. „Вонредниот министерски состанок на Организацијата за исламска соработка го усвои египетскиот план, кој сега стана арапско-исламски план“, изјави египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати, а тоа го повтори и неговиот судански колега.

„Тоа секако е многу позитивна работа“, изјави Абделати.

Предлогот на Трамп САД да ја преземат Газа и да ја претворат во ривиера на Блискиот исток и насилно да ги иселат палестинските жители во Египет или Јордан, предизвика бес низ целиот свет. На самитот во Каиро пред четири дена, арапските лидери најавија и формирање на фондација за финансирање на обновата на Газа и ја повикаа меѓународната заедница да ја поддржи.

„Следниот чекор е планот да стане меѓународен план за да биде усвоен од Европската унија и меѓународните страни како Јапонија, Русија, Кина и други“, рече Абделати. „Тоа е она што ќе го бараме и ние сме во контакт со сите страни, вклучително и со американската“, додаде тој. Сепак, контра предлогот не ја открива улогата на Хамас, кој ја контролира Газа, а беше отфрлен и од САД и од Израел.

„Планот не ги исполнува очекувањата на Вашингтон“, изјави за новинарите завчера портпаролката на Стејт департментот Тами Брус. Претставникот на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, даде попозитивна реакција, нарекувајќи го тоа прв чекор на Египќаните со добра волја.

Раба Сеиф Алам од Центарот за политички и стратешки студии Ал-Ахрам во Каиро рече дека Египет бара широка поддршка за својот предлог. „Ова е обид да се изгради широка коалиција, која ќе го отфрли раселувањето на Палестинците од Газа“, додаде таа. Планот на Трамп веќе ги обедини арапските земји во опозиција, Саудиска Арабија, исто така, беше домаќин на арапските лидери пред две недели за да разговараат за алтернативи.

ОИЦ, исто така, повторно ја прими Сирија, која беше суспендирана во 2012 година на почетокот на граѓанската војна за време на Башар ал Асад, по соборувањето на долгогодишниот владетел во декември. „Оваа одлука претставува важен чекор кон враќањето на Сирија во регионалната и меѓународната заедница како слободна и праведна држава“, се вели во соопштението на сириското Министерство за надворешни работи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ