„Примарната причина за овој бран засилена исламофобија беше ескалацијата на насилствата во Израел и Палестина во октомври 2023 година“, се наведува во извештајот.
Бројот на тужби во 2023 година бил 8.061, што е за 56 отсто повеќе во однос на претходната година, и најголем откако ЦАИР почнал да води евиденција пред речиси 30 години, јавува Војс оф Америка.
ЦАИР наведува дека 3.600 од овие инциденти се случиле во периодот од почетокот на израелската офанзива на Газа во октомври до крајот на 2023 година, вклучувајќи го убиството на шестгодишниот палестински Американец Вадеа ал Фајуме во Илиноис, пукањето во тројца студенти од палестинско потекло во Вермонт во ноември и нападот со нож врз Палестинец во Тексас во февруари.
„Најбројните пријави во 2023 беа во категориите емиграција и азил, дискриминација при вработувањето, злосторства од омраза и дискриминација во образованието“, соопшти ЦАИР.
Во извештајот на ЦАИР се наведува дека во првите девет месеци на 2023 година, антипалестински и исламофобни инциденти имало во просек околу 500 месечно, за потоа бројот на инциденти да скокне на 1.200 месечно во последните месеци од минатата година.
Активистите за човекови права пријавија и пораст на исламофобијата, но и на антисемитизмот на глобално ниво од упадот на Хамас во Израел на 7 октомври и подоцна израелската агресија на Појасот Газа, во која од тогаш се убиени повеќе од 32.000 Палестинци.