Таа ја напуштила куќата во петокот околу 5:10 часот наутро, а нејзиното семејство веднаш започнало потрага низ околината. Безбедносни камери покажале дека Л.Т. се движела на начин што, според семејството, укажува на можна вознемиреност.
Од МВР веднаш по објавата на социјалните мрежи потврдија дека има пријава за исчезнато лице.
„Денеска (08.11.2024) во полициската станица Гази Баба, С.Т.(51) од Скопје пријавил дека околу 06.00 часот од домот во с.Јурумлери, скопско, се оддалечила неговата сопруга Л.Т.(43). Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, сопштија од МВР пред неколку дена.
Како што ќерката на исчезнатата жена пишува на социјалните мрежи, станува збор за посветена мајка, сопруга, вработена жена, без никакви здравствени проблеми.
„Никогаш не се случило вакво нешто, сите сме затекнати и бараме помош во наоѓањето на мајка ни. Таа е семејна жена, вработена во Тинекс месара, излегла од дома околу пет часот наутро додека сестра ми и татко ми сè уште спиеле. Не знаеме што се случило, ова е голем шок за сите нас и несвојствено за мајка ни, и случајот веднаш го пријавивме во полиција“, пишува таа.
Потргата трае, но и семејството открива дека викендов им биле барани пари за возврат да добијат некоја информација.
„Ни бараа прво да уплатиме 500 евра на трансакциска сметка, а потоа откако наводно ќе ни кажеле што знаат за мајка ми, да сме уплателе уште 500 евра. Веднаш пријавивме во полиција. Според последните информации, лицето кое се обиде да изнуди пари е идентификувано и не е некој кого ние го познаваме. Ужасно е да се користи ова кое нас не снајде, како начин да се дојде до пари! Никаква емпатија, никаква човечност“, изјави за медиумите ќерката на исчезнатата жена.
Во потрагата се вклучени и дронови, но до сега жената не е најдена.
Според последните информации биле видена како од автобуската станица во Јурумлери оди кон Вардар. Потрагата е во тек.