сабота, 27 јули 2024

Ирска, Шпанија, Словенија и Малта пред договор за признавање на Палестина

Ирска, Шпанија и голем број други земји-членки на ЕУ го разгледуваат 21 мај како датум кога заеднички ќе ја признаат државата Палестина, дознава ирски РТЕ њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Два извори велат дека како датум се разгледува 21 мај, пренесува овој медиум.

Трет извор рекол дека контактите меѓу Даблин и Мадрид, како и меѓу Словенија и Малта, се интензивираат со цел земјите заеднички да ја признаат палестинската државност.

Во изјавата што заеднички ја потпишаа на 22 март, поранешниот премиер Лео Варадкар и неговите шпански, малтешки и словенечки колеги рекоа дека разговарале за својата „спремност да ја признаат Палестина и дека ќе го сторат тоа кога ќе може да даде позитивен придонес и кога околностите ќе бидат исправни“.

Актуелниот премиер Сајмон Харис разговараше со својот шпански колега Педро Санчез во понеделникот, што владиниот портпарол го нарече „добар и темелен разговор“ во врска со „тешката ситуација на Блискиот Исток“.

„По прашањето за признавањето, нашата заедничка работа продолжува за признавање на државата Палестина. Тие ја потврдија желбата и Шпанија и Ирска да ја признаат Палестина, согласувајќи се дека формалното признавање е важен дел од признавањето дека решението со две држави е единствениот начин за постигнување мир и стабилност во регионот, со државата Палестина и државата Израел што живеат рамо до рамо во мир и безбедност“, рече портпаролот.

Портпаролот на вицепремиерот Мишел Мартин синоќа изјави за РТЕ њуз:

„Во тек се дискусии со многу европски партнери што имаат исто мислење за признавањето на државата Палестина. Фокусот на Ирска ќе продолжи да биде на обезбедување дека одлуката за признавање има позитивно влијание врз мирното решавање на конфликтот, засновано на решението со две држави, и го поддржува напредокот кон сеопфатен регионален мир, врз основа на принципите на Арапскиот мировен план.“

Говорејќи синоќа на состанокот на парламентарната партија на Зелените, вицепремиерот исто така рече дека Ирска ќе гласа за членството на Палестина во ОН кога Генералното собрание на ОН ќе го разгледа ова прашање в петок.

Ирските власти очекуваат ова гласање да се спроведе со значителна поддршка.

Тој на состанокот на Зелената партија рече дека Ирска ќе интервенира во случајот за геноцид во Меѓународниот суд на правдата, набргу откако Јужна Африка ќе го претстави својот случај, што тој очекува да се случи до октомври.

Тој, исто така, рече дека Ирска бара од Европската комисија да одговори на писмото испратено од Ирска и Шпанија во кое се бара ревизија на Договорот за асоцијација на Израел со ЕУ.

Во моментов, осум земји-членки на ЕУ ја признаваат државата Палестина, а последна ја призна Шведска во 2014 година, пишуваат ирските медиуми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ