Во демантот на ЈО се вели дека новинарите на ИРЛ лажат дека германското вештачење не било предложено како доказ во постапката и дека германското вештачење практично потврдило кој е виновен за несреќата, алудирајќи на спојот од кабелот.
„Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред Судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста, па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно.“, пишува во соопштението од Јавното обвинителство.
„ИРЛ поседува транскрипт и тонски запис од судењето, кога адвокатите на одбраната бараат во судницата да се повика форензичарот од германската полиција кој го извршил увидот и го изготвил вештачењето доставено од македонските истражни органи.
Наодите на форензичарите од германската полиција не се презентираа ниту во судската постапка. А, всушност тоа е едно од клучните вештачења, покрај она на електровештакот, кое што ги посочува причинско – последичните врски на пожарот и неговото брзо ширење.
Германските вештаци се експлицитни во заклучоците дека материјалите и самата градба биле проблематични и овозможиле брзо ширење на пожарот. Тие посочуваат дека присутвото на големата количина на кислород во комбинација со полиуретанот или пур-панелите од кои била изградена. Потоа, фактот дека во болницата немало противпожарни прегради кои би спречиле понатамошно проширување на огнот, или во најмала рака би го отежнувале ширењето, што пред се е и законска обврска да бидат вградени согласно стандардите за безбедност.
И на крај, како причина е посочена и отворената конструкција на градбата во поткровјето каде штетниот гас можел непречено да се меша со кислородот и да се прошири насекаде за многу брзо време. Ова е и причината за како болницата согоре до темел за толку кратко време.
Обвинителите не дозволуваа прашања за причините кои довеле до брзото ширење на пожарот на ниту едно од рочиштата, бидејќи тие околности не биле предмет на обвинението. Судијата Јордан Велковски ги прифати сите приговори, бидејќи како што неколку пати нагласи дека судењето е за други кривични дела, односно непостапување по здравствени прописи“, се вели во реакцијата на ИРЛ.