Трамп, кој ги повлече Соединетите Американски Држави од меѓународниот договор со Иран за време на неговиот прв мандат во 2018 година, сега вели дека е отворен за дијалог со Техеран за нуклеарната програма на земјата. Американскиот претседател рече дека испратил писмо до иранските власти за решавање на проблемот.
Сепак, Трамп, исто така, ја засили својата политика за „максимален притисок“ против Иран, со дополнителни санкции и закана со воена акција доколку одбие разговори.
„Содржината на писмото не е далеку од јавните изјави на Трамп и ги користи истите лингвистички изрази“, изјави портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Есмаил Багаи.
Тој додаде дека иранските власти засега немаат намера да ја објават содржината на писмото, наведувајќи дека Иран размислува како да одговори.
Техеран минатата недела објави дека го добил писмото преку високиот дипломат од Обединетите Арапски Емирати, Анвар Гаргаш.
Иран и САД немаат дипломатски односи од 1980 година.
Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции кон Техеран.
Сепак, во 2018 година, Трамп, тогаш з прв пат претседател на САД, еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе строги санкции кон Иран.
Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, а за производство на атомско оружје се потребни 90 отсто.
Иран го брани своето право да развива нуклеарна програма за цивилни цели, и негира дека сака да изгради атомска бомба, иако западните земји не му веруваат.