сабота, 19 октомври 2024

Иран заплени танкер со нафта во Оманскиот залив

Објавено на

часот

Сподели

Иранската војска објави дека запленила нафтен танкер кој пловел под знамето на Маршалските Острови во Оманскиот залив по судир со ирански брод, при што биле повредени неколку членови на екипажот, објавија иранските државни медиуми.

„Двајца членови на екипажот на бродот се исчезнати, а неколкумина се повредени поради судирот меѓу бродот и танкерот“, се вели во соопштението на војската. Американската морнарица го идентификуваше танкерот како „Адвантиџ Свит“, танкер за сурова нафта изнајмен од производителот на нафта Шеврон кој последен пат се закотвил во Кувајт.

Американското пристаниште Хјустон во Мексиканскиот залив беше наведено како дестинација на бродот, според податоците за следење на бродот.

„Постојаното вознемирување на бродовите од страна на Иран и мешањето во навигациските права во регионалните води се закана за поморската безбедност и глобалната економија“, одговори американската морнарица, додавајќи дека Иран незаконски запленил најмалку пет комерцијални бродови на Блискиот Исток во последните две години.

Иранските власти не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар. Околу една петтина од светската сурова нафта и нафтени деривати минуваат низ Ормускиот теснец, тесниот појас меѓу Иран и Оман низ кој поминал и бродот „Адвантиџ Свит“, покажуваат податоците на аналитичката компанија „Вортекс“.

„Работната хипотеза во овој момент е дека тоа би можело да биде произволно задржување на бродот од страна на Иран како одговор на САД кој што пловеше со својот прв брод без екипаж низ регионот минатата недела – како демонстрација на сила. Или тоа може да биде одговор на американските санкции од 24 април против персоналот во Иран поврзан со ИРГЦ, елитната Револуционерна гарда“, рече Мунро Андерсон од фирмата за поморска безбедност Дријад.

Имаше серија напади од 2019 година во стратешките води на Заливот во време на тензии меѓу Соединетите Држави и Иран.

Индиректните преговори меѓу Техеран и Вашингтон за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со светските сили се во застој од септември поради низа прашања, вклучително и насилното задушување на протестите од страна на Иран, продажбата на беспилотни летала на Русија и забрзувањето на развојот на нуклеарната програма. Американската морнарица, чија Петта флота е стационирана во Бахреин, ја повика иранската морнарица веднаш да го ослободи танкерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ