сабота, 21 декември 2024

Иран праќа балистички ракети во Русија: „Тоа е драматична ескалација“

Иран ѝ испорача балистички ракети на Русија, објави пред неколку дена Волстрит џурнал, што САД го опишаа како „драматична ескалација“ на поддршката на Иран за руската инвазија на Украина. Белата куќа соопшти дека е вознемирена од извештаите за овој трансфер, но што всушност значи таа вест и какви се импликациите за Украина – сè уште не е сосема јасно.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Информациите за испораките на балистички ракети од Иран кружат подолго време, а во октомври 2022 година Вашингтон пост објави дека Иран ја подготвува првата испорака на балистички ракети со краток дострел фатех-110 и золфагар, пишува Киев индипендент.

Во февруари оваа година Ројтерс објави дека Русија веќе примила најмалку четири испораки на ракети од Иран. А потоа неделава Блумберг објави дека Иран ќе започне со испораката на оружје за само неколку дена.

Досега не е познато дека Русија истрелала ирански балистички ракети кон Украина, иако украинските градови се под напади на беспилотни летала шахед од Иран од октомври 2022 година. Неодамнешните извештаи ја споменуваат можноста Иран да испорача два типа ракети со помал дострел, абабил и фат-360, а Русите наводно веќе се обучуваат во Иран за нивно користење.

„Има уште многу отворени прашања“, изјави Фабијан Хинц, експерт за одбранбени и воени анализи во Меѓународниот институт за стратегиски студии, за Киев индипендент: „Но големото прашање е каков систем ќе испорача Иран, стратегиски или тактички?“ Одговорот на ова прашање има длабоки импликации за Украина. Тактичките системи потенцијално би претставувале поголема закана за украинските вооружени сили.

Кој е дострелот на иранските балистички ракети?

Абабил и фат-360 имаат дострел од 86 и 120 километри, соодветно, што го ограничува типот и бројот на целите против кои Русија би можела да ги користи на оние што се релативно блиску до границите и линиите на фронтот.

„Поверојатно е дека ќе се користи на цели поврзани со операции на фронтот, воени цели, логистички центри, командни пунктови, касарни, складишта за гориво. Тоа се цели што можете да ги погодите со тактичка ракета“, рече Хинц.

Балистичките ракети со краток дострел фатех-110 и золфагар имаат дострел од 300 километри и 700 километри, соодветно, и се класифицирани како стратегиски. Ако Иран ѝ ги испорача на Русија, со нив би можело да се гаѓа длабоко во Украина, рече Хинц.

„Досегот на золфагар е всушност малку подолг од тој на рускиот искандер, така што тие можат да се користат за таргетирање на критичната инфраструктура низ целата земја“, вели Хинц.

Дострелот и уништувањето предизвикано од балистичките ракети со овој дострел можеа да се видат токму оваа недела – се верува дека руските искандери биле користени во нападот на Полтава на 3 септември во кој загинаа најмалку 55 луѓе.

Вреди да се напомене дека дури и иранската балистичка ракета со најкраток дострел би можела да стигне до градови како Харков, кој е на само 30 километри од руската граница. Без оглед на видот што се испорачува, Финц истакнува дека обемната ракетна програма на Иран е способна да испорача значително количество: „Тие многу ги зголемија своите капацитети во последните години и можат да ги испорачаат количествата што Русите ги сакаат“.

Иако не се очекува дека Русија наскоро ќе остане без сопствените балистички ракети, во војната што трае многу подолго отколку што предвидува Кремљ, има смисла да се набави што е можно повеќе оружје од различни извори.

Многу потешко се пресретнуваат

А поголемиот број балистички ракети само дополнително ќе ја оптоварат и онака преоптоварената воздушна одбрана на Украина, имајќи предвид дека тие се многу потешки за пресретнување од крстосувачките ракети.

Балистичките ракети имаат ракетен погон и се лансираат високо во атмосферата пред да се спуштат до својата цел. Тие се водат само за време на почетните фази на лансирањето, така што се помалку прецизни од крстосувачките ракети, но ја имаат предноста што достигнуваат неверојатно големи брзини – понекогаш и повеќе од 3.200 километри на час – додека се приближуваат до своите цели.

Поради големата брзина, само најнапредните системи за противвоздушна одбрана можат да ги соборат, а меѓу нив е и системот „патриот“ од американско производство. Украина има најмалку четворица „патриоти“, а претседателот Володимир Зеленски рече дека се потребни 25 за да се заштити небото на целата земја.

„Ќе биде тешко ако дојдат многу ирански ракети“

„Ова стратегиско оружје во основа би преоптоварило ракетите-пресретнувачи, а кога станува збор за одбрана од балистички проектили, можете да користите само одредени системи“, рече Финц. „Украина има систем за противвоздушна одбрана патриот, но бројот на пресретнувачите е ограничен, така што потенцијално може да биде тешко ако пристигнат голем број ирански ракети“.

Ова е многу скап предизвик – една ракета „патриот“ може да чини некаде од два до четири милиони долари, приближно исто како и некои од балистичките ракети што ги соборува. Во врска со иранските ракети треба да се земе предвид уште еден фактор – нивната прецизност.

Во својата потрага да добие оружје од својата кратка листа на меѓународни сојузници, Русија веќе набави и употреби севернокорејски балистички ракети во Украина, иако резултатите веројатно не беа онакви какви што се надеваше Кремљ.

Прашањето на прецизноста

Околу половина од нив се расипале и експлодирале во воздух, објави Ројтерс на 7 мај, повикувајќи се на Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина. А постојат докази што сугерираат дека иранските можеби не се многу подобри. Нивната прецизност и сигурност неодамна беа доведени во прашање по масовниот воздушен напад на Иран врз Израел во април.

Според американските процени, 50% од ракетите истрелани од Иран откажале при лансирањето или паднале пред да стигнат до целта, а проектилите што ја достигнале целта ја промашиле во просек за 1.200 метри. Но проектилот испукан кон цел во Украина што промашува за 1.200 метри, сепак ќе погоди нешто друго.

„Дури и ако стапките на прецизност не се толку високи во споредба со западните стандарди, тие сепак би биле релативно ефикасни“, рече Финц.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ