петок, 18 октомври 2024

Иран по најголемиот напад на Израел: Во случај на одмазда нема да го гаѓаме само Израел

Иран утринава соопшти дека неговиот ракетен напад врз Израел – неговиот најголем воен напад против еврејската држава – е завршен доколку нема дополнителни провокации, а Израел и САД најавија дека ќе му се одмаздат на Техеран, додека стравувањата од проширување на конфликтот се зголемуваат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И покрај повиците за прекин на огнот од страна на Обединетите нации, САД и Европската унија, борбите меѓу Израел и Хезболах продолжија во средата. Израел го обнови бомбардирањето на јужните предградија на Бејрут, упориште на вооружената група Хезболах поддржана од Иран, со најмалку десетина воздушни напади, насочени како што рече, на цели кои ѝ припаѓаат на групата.

Големи облаци чад се видливи од делови на предградијата. Израел издаде нови наредби за евакуација на областа, која е главно испразнета по неколкудневните тешки напади. Хезболах соопшти дека се судрил со израелските сили кои влегле во либанскиот град Адајсех рано во средата и ги принудиле да се повлечат.

Иран го опиша вчерашниот напад врз Израел како одбранбен и насочен исклучиво кон неговите воени објекти. Иранската државна новинска агенција објави дека на мета биле три израелски воени бази. Техеран рече дека неговиот напад бил одговор на израелските убиства на милитантните водачи и агресијата во Либан против Хезболах и во Газа.

„Нашата акција заврши доколку израелскиот режим не одлучи дополнително да се одмазди. Во тоа сценарио, нашиот одговор ќе биде посилен и помоќен“, рече иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во објава во средата наутро на Икс.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе возврати. „Иран направи голема грешка вечерва – и тие ќе платат за тоа“, рече тој на почетокот на вонредната седница на кабинетот за политичка безбедност доцна синоќа, се вели во соопштението.

Вашингтон рече дека ќе работи со долгогодишниот сојузник Израел за да се осигура дека Иран ќе се соочи со „тешки последици“ за нападот во вторникот, за кој Израел рече дека вклучувал повеќе од 180 балистички ракети.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин доцна синоќа разговараше со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и рече дека Вашингтон е „добро позициониран“ да ги брани своите интереси на Блискиот Исток, се вели во соопштението на Пентагон.

„Министерот и јас ја изразивме взаемна почит за координираната одбрана на Израел против речиси 200 балистички ракети лансирани од Иран и ветивме дека ќе останеме во близок контакт“, рече Остин одделно во објава на Икс.

Воени бродови на американската морнарица истрелаа десетина пресретнувачи на ирански ракети насочени кон Израел, објави Пентагон. Велика Британија рече дека нејзините сили одиграле улога „во обидите да се спречи понатамошна ескалација на Блискиот Исток“, без да наведе детали.

Пентагон соопшти дека вчерашните воздушни напади на Иран биле двојно поголеми од нападите на Иран врз Израел во април.

Израел вчера активираше противвоздушна одбрана од иранскиот ракетен напад. Повеќето од ракетите беа пресретнати од „Израел и одбранбената коалиција предводена од Соединетите Држави“, рече израелскиот контраадмирал Даниел Хагари во видео на Икс, додавајќи: „Иранскиот напад е сериозна и опасна ескалација“.

Иранските сили вчера првпат употребија хиперсонични ракети Фатах, а 90 отсто од нивните проектили успешно погодија нивни цели во Израел, соопшти Револуционерната гарда. Во изјава за државните медиуми, Генералштабот на иранските вооружени сили рече дека секој одговор на Израел ќе биде дочекан со „големо уништување“ на неговата инфраструктура.

Исто така, рече дека ќе ги таргетира регионалните цели на секој израелски сојузник што ќе се вклучи.

Стравувањата дека Иран и САД би можеле да бидат вовлечени во регионална војна се зголемија со ескалацијата на израелскиот напад врз Либан во последните две недели, вклучувајќи го и почетокот на тамошната копнена операција во понеделникот, додека конфликтот во Појасот Газа е стар една година.

Американскиот претседател Џо Бајден изрази целосна поддршка на САД за Израел и го опиша нападот на Иран како „неефикасен“. Потпретседателката Камала Харис, демократскиот претседателски кандидат, ја поддржа позицијата на Бајден и рече дека САД нема да се двоумат да ги бранат своите интереси против Иран.

„Ќе дејствуваме. Иран наскоро ќе ги почувствува последиците од своите постапки. Одговорот ќе биде болен“, изјави за новинарите израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон.

Белата куќа на сличен начин вети „тешки последици“ за Иран, при што портпаролот Џејк Саливан на брифинг во Вашингтон рече дека САД „ќе работат со Израел за да се случи тоа“. Саливан не прецизираше какви би можеле да бидат тие последици.

Во изјава, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека силно ги осудува новите напади на Иран врз Израел, додавајќи дека како знак на својата посветеност на безбедноста на Израел, Франција во средата ги мобилизираше своите воени ресурси на Блискиот Исток.

Советот за безбедност на Обединетите нации за денеска закажа состанок за блискоисточниот конфликт, а Европската унија повика на итен прекин на огнот.

Речиси 1.900 луѓе се убиени, а повеќе од 9.000 се ранети во Либан во речиси една година прекугранични борби, повеќето од нив во изминатите две недели, според статистиката на либанската влада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ