среда, 23 октомври 2024

Иран нема да толерира агресија

Иран нема да молчи на агресијата, му кажал претседателот Масуд Пезешкијан на својот француски колега Емануел Макрон, пренесуваат државните медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Иран никогаш нема да остане нем на агресијата против своите интереси и безбедноста“, кажа Пезешкијан за време на телефонскиот разговор со Макрон, критикувајќи го Израел за војната во Газа која трае десет месеци.

„Ако Соединетите Американски Држави и западните земји навистина сакаат да спречат војна во регионот, мора да го натераат тој режим (Израел) да го сопре геноцидот и нападите на Газа и да прифати примирје“, кажал Пезешкијан.

Тензиите на Блискиот Исток пораснаа по убиството на поранешниот лидер на милитантната група Хамас Измаил Ханија во Техеран минатата недела и откако во израелски напад во Бејрут беше убиен Фуад Шукр, висок воен командант на либанската оружена група Хезболах.

Иран ќе одговори на убиството на Ханија „во вистинско време и на соодветен начин“, наведе во соопштение вршителот на должноста министер за надворешни работи Али Багери Кани.

Итна средба на Организацијата на исламска соработка беше одржана вчера во Саудиска Арабија на барање на Иран за да се разговара за убиството на Ханија, пренесува Ројтерс.

Техеран и групите поврзани со Иран како Хамас и Хезболах го обвинија Израел за убиството на Ханија на 31 јули, кое е само едно во низата убиства на високи фигури на Хамас за време на војната.

Израел официјално не ја презема одговорноста за убиството на Ханија.

Францускиот претседател Макрон му кажа на Пезешкијан дека мора да направи сè што е во негова моќ за да избегне ескалација во регионот и дека циклусот на одмазда мора да сопре, извести Елисејската палата.

Макрон кажал дека Иран мора да ги повика „дестабилизирачките актери кои ги поддржува“ да покажат максимална воздржаност за да се избегне голем конфликт.

САД им соопштија на Иран и Израел дека конфликтот на Блискиот Исток не смее да ескалира, кажа во вторникот шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен. Тој порача дека САД ќе продолжат да го бранат Израел, но истакна дека сите во регионот мора да бидат свесни за ризикот од ескалација и погрешна проценка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ