„Иран прави значителни напори за заштита на мирот и безбедноста во регионот, но е целосно подготвен да одговори одлучно на секоја авантура на Израел и да го натера да зажали“, рекол Арагши во вчерашниот телефонски разговор со Гутереш.
На 1 октомври Иран истрела околу 200 ракети кон Израел и за прв пат неколку хиперсонични ракети.
Израел вети дека ќе одговори на нападот на Иран.
Техеран објави дека нападите врз Израел биле извршени како одмазда за убиството на палестинскиот лидер на Хамас убиен во јули во главниот град на Иран, што му се припишува на Израел, како и за убиството на лидерот на либански Хезболах, Хасан Насрала, и на ирански генерал во израелски напад во Либан.
Одговорот ќе биде „смртоносен, прецизен и ненадеен“, предупреди израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Во последните денови, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагши одржа неколку консултации во земјите од регионот, во обид да ја смири ситуацијата. Тој ги посети Либан, Сирија, Саудиска Арабија, Катар, Ирак и Оман.
Арагши денеска треба да пристигне во Јордан, а подоцна да отпатува за Египет и Турција.
Иран не ја признава државата Израел и поддршката за палестинското прашање е еден од столбовите на надворешната политика на Иран од исламската револуција во 1979 година.