сабота, 27 јули 2024

Иран гради бетонски ѕид на границата со Авганистан

Иран со намера да ја запре илегалната имиграција од Авганистан планира да изгради ѕид на границата, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бетонскиот ѕид треба да биде долг 74 километри, висок четири метри, а дополнително ќе биде обезбеден со бодликава жица. Планирано е да се гради на североистокот на Иран, каде што голем број луѓе илегално ја минуваат границата меѓу Иран и Авганистан.

Советот за национална безбедност стави на располагање околу три милијарди евра. Иранската армија треба да го обезбеди тој дел од границата во следните три години. Според иранската државна новинска агенција ИРНА, задачата е ѕидот со бодликава жица логистички да се подготви во покраините Северен Хорасан, Разави Хорасан и Јужен Хорасан.

Границата на Иран со Авганистан е долга 950 километри. Дел од неа минува низ непроодни планини и е тешко пристапна. Народот на Авганистан бега од четириесет години војна, сиромаштија и (сегашната) талибанска влада.

Откако талибанците дојдоа на власт во Авганистан, безбедносната ситуација се промени и во Иран. Се чини дека за авганистанскиот огранок на терористичката организација Исламска држава (ИД) сега е полесно да испраќа свои терористи во Иран. Во последните три години таму се случија неколку смртоносни терористички напади.

На почетокот на јануари 2024 година, во две експлозии во градот Керман загинаа 89 лица, а одговорноста ја презеде ИД. Во октомври 2022 година, беше извршен напад врз шиитско светилиште во милионскиот град Шираз. Десетици луѓе беа убиени или повредени. И овој напад јавно го призна Исламската држава. Таа ги третира членовите на шиитската верзија на исламот, која е мнозинска религија во Иран, како отпадници од верата и непријатели.

Откако талибанците дојдоа на власт, иранската армија го зголеми присуството на своите војници во пограничните области кон Авганистан. И покрај тоа, конфигурацијата на теренот е таква што сè уште има бројни можности за илегално преминување на границата.

Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) наведува дека речиси 4,5 милиони бегалци од Авганистан живеат во Иран. Најмалку милион од нив побегнале во Иран од летото 2021 година и од преземањето на власта од страна на Талибанците. Само 50.000 од нив се официјално регистрирани како бегалци.

Голем број бегалци не сакаат да се пријават поради страв дека ќе бидат депортирани во Авганистан. Врз основа на заедничката култура и јазик, тие релативно лесно можат да се „спојат“ во општеството. Често работат на црно и се искористувани како евтина работна сила. Многумина и не сакаат да останат во Иран, за нив таа земја е првата станица во обидот да стигнат до Европа.

Ако заштедат доволно пари, воспоставуваат контакт со авганистански, ирански или турски шверцери и со нивна помош се упатуваат кон Европа.

Границата на Иран со Турција е долга 560 километри. Турција веќе изгради бетонски ѕид висок три метри и долг 170 километри долж таа граница за да ги запре бегалците.

Повеќе од три децении Иран сака да ја „заѕида“ границата со Авганистан. Првите чекори беа преземени во 1992 година. Тогаш беше изграден ѕид долг 30 километри во покраината Систан-Балучистан на границата со Авганистан. Не беше наменет само да се запре нелегалниот влез во земјата, туку и да се запре шверцот на гориво од Иран и дрога во Иран.

Но, ѕидот не е изграден на самата граница, туку на иранска територија. Помеѓу ѕидот и границата има 2.000 хектари земјиште што им припаѓа на ирански селани. Нив им било дозволено да „преминуваат“ на другата страна на ѕидот.

Откако талибанците дојдоа на власт во Авганистан, тие го гледаат ѕидот како граница. Талибанците почнале да им прават проблеми на иранските селани кои ја обработуваат земјата од другата страна на ѕидот. Некогаш им одземале земјоделска машина, другпат физички ги напаѓале.

„Овој ѕид не е ниту граничен, ниту безбедносен ѕид“, се жали Мохамад Саргази, претставник од покраината Систан Белучистан. „Само им го отежнува животот на иранските селани“, додава тој. Други претставници од покраината дури бараат уривање на ѕидот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ