сабота, 27 јули 2024

Иран егзекутира четири лица: „Соработуваа со Мосад“

Иран денеска погуби четворица мажи осудени за планирање на саботажа и за наводни врски со израелската тајна служба Мосад, објавија државните медиуми. Официјалната новинска агенција ИРНА објави дека мажите биле осудени за планирање напад на фабрика во градот Исфахан, која му припаѓа на иранското Министерство за одбрана и која се занимавала со производство на проектили и одбранбена опрема.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Операцијата, наводно, била организирана од Мосад, а мажите биле обучени од израелска агенција во една африканска земја пред да влезат во Иран, се вели во соопштението. Четворицата се идентификувани како ирански државјани: Мохамад Фарамарзи, Мохсен Мазлум, Вафа Азарбар и Пејман Фатехи.

Егзекуцијата е извршена откако Врховниот суд на земјата ги потврди нивните смртни казни, кои беа изречени од друг суд во септември. Во извештајот не е прецизирано како се изведени смртните казни, но во Иран тоа најчесто се извршува со бесење, пишува Асошиејтед прес.

Во 2022 година, Иран објави дека неговите разузнавачки агенти разбиле група поврзана со Мосад, која наводно планирала терористички операции во Иран, ги уапсила сите членови на групата и запленила големо количество оружје и експлозиви.

Од време на време, Иран известува за апсења, судења и егзекуции на свои државјани за шпионирање за Мосад и други западни разузнавачки агенции. Кон крајот на минатиот месец, Иран егзекутира четири лица, тројца мажи и една жена, и осуди неколку други на затворски казни за наводни врски со Мосад.

Претходно во декември, уште еден човек беше погубен под обвинение дека одавал доверливи информации на Мосад. Иран и Израел со години се обвинуваат меѓусебно дека шпионираат и водат војна во сенка. Израел го смета Иран за најголема закана и постојано се заканува дека ќе преземе воена акција за да го спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

Иран негира дека бара такво оружје и вети силен одговор на каква било агресија. Во 2020 година, Иран погуби човек осуден за откривање информации на Соединетите Американски Држави и Израел за истакнатиот генерал Касем Сулејмани, шеф на елитните ирански сили Кудс, кој беше убиен во напад со американско беспилотно летало во јануари истата година.

Иран не го признава Израел и ги поддржува антиизраелските милитантни групи низ целиот регион, вклучително и либанската шиитска група Хезболах и палестинската милитантна група Хамас, кои моментално се вмешани во војна со Израел. Минатиот месец, висок генерал на Иранската револуционерна гарда беше убиен во наводен израелски воздушен напад во Сирија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ