Главниот ирански дипломат кажа дека Техеран нема да се впушти во директни разговори со Вашингтон под закана и сè додека Трамп ја одржува својата политика на максимален притисок.
Под таа политика во својот прв претседателски мандат, Трамп во 2018 година ги повлече САД од клучниот договор за иранската нуклеарна програма и повторно воведе парализирачки санкции против Техеран. Договорот, потпишан во 2015 година меѓу Техеран и светските сили, вклучуваше ограничување на иранските нуклеарни амбиции во замена за укинување на санкциите.
САД долго го обвинуваат Иран дека тежнее кон нуклеарно оружје, што Техеран го негира, инсистирајќи дека неговите активности се исклучиво за мирнодопски цели. На почетокот на овој месец, на 7 март, Трамп кажа дека му испратил писмо на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, повикувајќи го на нуклеарни преговори и заканувајќи се со воена акција ако Техеран одбие.
Во петокот Хамнеи порача дека американските закани „нема никаде да ги доведат“, предупредувајќи на реципрочни мерки „ако направат што било злонамерно“ против Иран.
Американскиот претставник за Блискиот Исток Стив Виткоф во петокот кажа дека целта на Трамп е да избегне воен конфликт со изградба на доверба со Иран. Тој инсистираше дека писмото не е замислено како закана.
Техеран и Вашингтон немаат дипломатски врски од иранската исламска револуција од 1979 година. Од тогаш швајцарската амбасада во Техеран претставува посредник за комуникација меѓу двете земји.